Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во рамките на своите законски надлежности и континуираните заложби за унапредување на безбедноста во сообраќајот, обезбеди 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна мотоциклистичка опрема за потребите на Министерството за внатрешни работи.
По повод официјалното примопредавање на опремата, на настанот присуствуваа претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Станува збор за 33 мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE”, во полициска изведба, како и 33 комплети мотоциклистичка опрема кои вклучуваат заштитни кациги, јакни, панталони, чизми и летни и зимски ракавици. Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари.
Со оваа инвестиција значително се зајакнуваат капацитетите на сообраќајната полиција за поефикасно регулирање и контрола на сообраќајот, поголема мобилност на полициските службеници и подобрување на условите за работа на терен.
Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, истакна дека Советот и годинава продолжува да инвестира во модернизација и опремување на организациските единици на МВР задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот.

„Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, РСБСП и оваа година наменува средства за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Со набавката на 33 полициски мотоцикли и комплетна мотоциклистичка опрема, значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање на сообраќајот и унапредување на безбедноста на патиштата. Овој проект е уште еден пример за успешната меѓуинституционална соработка во интерес на граѓаните и безбедноста во сообраќајот”, истакна Ангеловски.
РСБСП и Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжат со реализација на заеднички активности, проекти и инвестиции насочени кон унапредување на сообраќајната безбедност, подигнување на сообраќајната култура и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и нивните последици.
Безбедноста во сообраќајот се гради со континуирани вложувања, современа опрема, ефикасна контрола и одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот.


