Вести Македонија

СДСМ ќе бара да прекине да се гради Панорамското тркало

Сподели:

Советничката група на СДСМ и коалиционите партнери на денешна седница на Советот на град Скопје ќе побара прекин на инвестициските зафати за изградба на Панорамското тркало во центарот на Скопје.

Иницијативата на СДСМ доаѓа по граѓанскиот револт од изградбата на Панорамското тркало, кој во изминативе години се изрази преку протести и организирање на он-лајн петиција на граѓаните. На електронската петиција за стопирање на изградбата на Панорамското тркало во текот на изминатава пролет се потпишаа над 7.800 граѓани. Оваа иницијатива беше испратена до скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Критики за проектот стигнаа од бројни архитекти и експерти кои сметаат дека локацијата воопшто не е погодена за ваква масовна градба која може да го поремети текот на реката Вардар, а исто така има критики и за огромните финансии кои ќе бидат вложени во период кога државата е многу задолжена, а за клучни инфраструктурни проекти во Скопје како на пример подземната сообраќајница сеуште нема средства.

„Барокниот“ објект во центарот на Скопје веќе неколку години наназад го гради фирмата „Бетон“ од Скопје. Темелите на објектот веќе се изведени, а во моментов се поставува конструкцијата што треба да ја премости реката Вардар. Засега е непознато во која фаза од изработка се деловите на Панорамското тркало, кои во наредната етапа од проектот ќе треба да се склопуваат на самата локација.

Панорамското тркало треба да има дијаметар од 57 метри и висина од 73 метри. На тркалото би се поставиле 30 кабини во форма на гондоли со носивост од 750 килограми. Проектот го изработи австриската фирма „a2 Hotelconcept GmbH“, додека идејното решение е дело на „Massabni architects GmbH“ од Виена

Сподели: