Вести Македонија

СДСМ – Предлог владина програма: Укинување екстерно, задолжително забавиште и автономија на универзитетот

Сподели:

„Владате ќе развива интегриран систем на образование чија цел е да обезбеди општествена интеграција по етничка, регионална, социјална и културолошка смисла, да поттикнува критичко мислење и активно граѓанство“.

Ова стои во предлог Програма за работа на новата Влада за 2017-2020 година, која ја објави СДСМ. Во делот за Образование е наведено дека последните резултати од ПИСА тестирањето за учениците во Македонија покажувале дека ни се потребни итни и сеопфатни реформио на образованието. На таа реформа, се вели во Предлог-програмата, ќе и претходи широка јавна расправа во која ќе учествуваат сите субјекти во образованието, граѓанските организации и професионалните здруженија.

Капиталните инвестиции во образованието, стои во програмата, треба да помогне во остварување на целта просечниот број на ученици по паралелка да изнесува 25 ученици.

„Владата ќе ја почитува автономијата на универзитетот и достоинството на професорите, при што државните универзитети ќе бидат целосно одговорни за функционирањето на високото образование според уставните и законските одредби. Владата ќе предложи нов начин на управување на универзитетот што ќе доведе до поефикасен и потранспарентен универзитет“, стои во документот.

Најавено е формирање државен фонд за истражување и развој со кој досегашното буџетско финансирање (0,2 % од БДП) би се зголемило за 50% во првиот буџет, со цел на крајот од мандатот Македонија да издвојува меѓу 1 и 1,5% од БДП за истражување и развој.

Владата ќе предложи укинување на екстерното тестирање. „Ќе воведеме евалуација и тестирање на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните сведителства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош  и поддршка за унапредување на наставата“, предложено е во документот.

Сегашниот опфат на децата од 0-6 години во предучилишна возраст, во просек, е 23 отсто, а кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10 отсто. Оттука, стои во документот, Владата ќе го кофинансира секое зголемување на капацитетот на детските градинки, со цел процентот на деца опфатени во предучилишно образование да се зголеми за 50 отсто во период од 4 години.

„Владата ќе воведе задолжително едногодишно предучилишно образование, како интервенциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и започнување со елементите од образовниот процес. Овој опфат ќе биде целосно бесплатен за децата во општините кои се подложни на намалување на популацијата и кои имаат неповолен економски развој“, наведено е во документот.

Системот на основно обрзование во првите 5 години да биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование), предложено е да  се применува нумеричко оценување. На тој начин, стои во програмата, децата и наставниците би се посветиле на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.

Владата ќе понуди средно образование кое ќе трае две, три или четири години: ќе ги задржиме класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно обрзование, но ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Промената ќе биде тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно образование, на 17-годишна возраст“.

Аргументов за последнава реформа е дека оние кои сакаат да се вклучат во пазарот на трудот, не треба непотребно да се задржуваат во образовниот систем, туку, на тие млади луѓе да им се овозможи брз влез во стопанството и време на планирање на деловна кариера, со можности за подоцнежно школување.

Наместо политика на казни, предложено е Владата да промовира политика на награди и стимулации. „Вработените во најдобрите 5% основни и 10% средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20 отсто поголема плата во текот на наредните 12 месеци. Училиштата кои ќе бидат во горните 10% според резултатите што ги постигнуваат во својот образовен квалитет, ќе добијат право на сведителства да истакнат дополнителни бодови, како училиште со натпросечни резултати“.

Покрај задолжителните предмети, во училиштата би се вовеле слободни активности за поголема креативност, а наставниците да се ослободат од административните обврски.

Наведено е формирање на Научно-истражувачки центар за талентирани ученици. Исто така, би се евалуирале и повлекле сите учебници со суштински грешки.

Понатаму, наведена е и дерегулација на високото образование, со која, како што стои, Владата би ја обезбедила „уставно загарантираната универзитетска автономија, академската слобода, достоинството и угледот на универзитетот“.

„Ќе ја вратиме автономијата на универзитетот, не затоа што професорите треба да уживаат некакви поголеми привилегии, туку затоа што од универзитетите произлегуваат прогресивните општествени промени и слободарските идеи, таму се проверуваат и се пренесуваат постоечките знаења и се создаваат нови“, напишано е во предлог Програмата.

Меѓу реформите за високо образование, најавено е ревидирање на системот за универзитетска акредитација и евалуација во партнерство со академската заедница, но и можност на најдобрите дипломирани студенти под менторство да волонтираат во основни и средни училишта во период од 1-2 години.

Владата би поддржила отворање на лекторати за македонски јазик на странските универзитети во други земји, особено во ЕУ. Притоа, би се водело поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од медиуми, оператори, институции.

Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини – спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри. Исто така, Владата ќе ја заврши изградбата на универзитетот ‘Мајка Тереза’. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку рекоснтрукција и преадаптација на постоечките објекти“, се вели во предлог Програмата.

Во однос на поддршка за младите, како владина мерка е најавена посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградски превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, за спортски и културни настани…

Дополнително, наведено е дека Владате ќе отвори дијалог со студентите околу начините за департизација и плурализам во студентското организанизирање, организирање на средношколска олимпијада и услови за зголемен број часови по спорт во основните и средните училишта.

radiomof.mk

Сподели: