Се зголемува бројот на бегалци кои се обидуваат нелегално да преминат во Македонија

Сподели

Затворањето на најголемиот бегалски камп кај Идомени, според грчкиот весник „Катимерини“, не стави крај на бегалските обиди за нелегално преминување кон Македонија. Грчкиот весник пренесува дека три месеци по затворањето на кампот, ситуацијата околу македонско-грчката граница повторно почнува да зоврива, со нови протести на бегалците и обиди за тајно преминување на македонска страна, со желба да се стигне до Централна и до Западна Европа.

Вчера група бегалци од Сирија и од Ирак, гневни на неизвесната ситуација во која живеат во бегалскиот камп кај Кукуш, во знак на протест блокирале дел од патот од Солун кон Евзони, во близина на Поликастро. Бегалците барале границите повторно да се отворат и да им биде дозволено да си заминат од Грција, каде се заглавени со месеци. Фрустрацијата кај бегалците е сè поголема бидејќи условите за живот се далеку од пристојни, а нивниот статус е сè понеизвесен, без некаква најава дека набргу ќе може да заминат кон Германија или друга европска земја.

Според „Катимерини“, загрижувачки е и бројот на бегалци кои си заминуваат од камповите и целосно им се губи трага. Претпоставките се дека се кријат во шумите околу македонско-грчката граница и се обидуваат со помош на шверцерите да преминат кон Македонија.

Весникот пред неколку дена пренесе дека кантината во Идомени врши достава на храна во близина на шумите околу стариот камп, каде се кријат бегалци кои чекаат соодветен момент да преминат кон Македонија. За да добијат фалсификувани документи, плаќаат и по 2.800 евра по човек, според весникот, а тие што имаат да платат, се одлучуваат да ризикуваат наместо да чекаат во камповите.

Полициски извор за весникот коментира дека секојдневно се наоѓаат и се апсат од 50 до 200 луѓе во близина на грчко-македонската граница, кои се обидуваат да преминат нелегално на македонска територија.

„Стигаат до границата со воз и се симнуваат во Муриес или кај Дојрани, а оттаму се обидуваат да преминат од другата страна преку шумите и брегот на езерото. Други се обидуваат да поминат кај селото Хамило во близина на Идомени“, изјавил изворот за весникот.

Според полициските власти, секојдневно се полнат по три автобуси бегалци кои се фатени во обид да преминат кон Македонија и се испраќаат кон бегалските центри во Солун.

Извор:Meta.mk