Седум милиони денари хуманитарна помош за граѓаните на Украина од Град Скопје

Сподели

 

Советот на Град Скопје, вчера ја одржа шестата седница на која се изгласа Одлука за давање хуманитарна помош за граѓаните на Украина во износ од 7 милиони денари, како израз на солидарноста на скопјани за граѓаните зафатени од воениот конфликт во таа земја.

 

 

На седницата Советот на Град Скопје го констатира престанокот на мандатот на досегашниот членот на Советот Мартин Попов, а го верификуваше и мандатот на Ајсељ Сејфула.

Советниците дискутираа и изгласаа повеќе точки од дневниот ред како Предлог- годишна сметка за Буџетот на Град Скопје за 2021 година,    Извештајот за реализација на капиталните инвестиции во Град Скопје, како и Извештајот за реализација на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје.

Советот на Град Скопје донесе и повеќе одлуки за ослободување на повеќе јавни институции од обврската за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште. Станува збор за ослободување на Универзитетот Мајка Тереза за реконструкција со пренамена на јавен објект на универзитетот, на Општина Центар, во својство на инвеститор, за изградба на детска градинка во населба Пролет, како и ослободува Владата на РМ и Министерството за здравство како инвеститори во проектот за надградба на клиника за хематологија во Скопје, во рамки на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.