Вести Македонија Ударни вести

ШИЛЕГОВ: Бесплатен градски превоз, мерки и препораки против аерозагадувањето

Сподели:

Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот.

 Овие мерки се преземаат по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 200μg/m3 на мерните станици во Лисиче и Ректорат.

 

Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот денеска ги соопшти градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, каде како главна мерка која ќе ја спроведе градот е повторното воведување на бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници.

 – Апелирам до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот – кажа градоначалникот Шилегов.

 Во сила стапуваат следните мерки и препораки:

 1. Градот Скопје од денес, 8 јануари 2017 година воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина.

 2.  Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

 3. Градот Скопје ја интензивира контролата и на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

 4.  Го задолжувам и ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност

 5. Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикувам и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

 6.  Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

 Градоначалникот Шилегов се обрати и до институциите на централната власт и апелираше истите да ги зајакнат активности коишто се во нивна надлежност во насока на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Во таа насока:

  1. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот.

 2. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

 3. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

 4.  Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот – кажа градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција.

 – Борбата против аерозагдувањето бара поголема вклученост од сите нас затоа што во крајна линија сите дишеме ист воздух. За таа цел ги замолувам сите сограѓани сериозно да им обрнат внимание на овие мерки и препораки со цел да можеме да дишеме почист воздух. Доколку сите се откажеме барем од еден мал дел од нашиот комодитет, резултатите ќе почнат да се гледаат многу брзо. Секој од нас има право да дише чист воздух, а обезбедувањето на тоа право е наша заедничка должност и обврска – кажа Шилегов.

Сподели: