Шилегов: Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот

Сподели

“Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот. Од идната сезона, Дрисла нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска  во функција е  новиот филтер во депонијата Дрисла. Станува збор за филтер кој е поставен на  инсенераторот  за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките  на Државниот инспекторат за животна средина” – истакна Шилегов.

Тој нагласи дека филтерот ќе се користи се до поставување  нова печка, а претходната дека беше надвор од функција неколку месеци, односно по контролата на Државниот инспекторат, кој дојде до заклучок дека не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши, а која како таква беше оставена со години во функција од претходната власт.

“Наша обврска е да иницираме постапки, кои не се во ингеренции на градот со цел да испровоцираме реакција на државните органи, а кои се однесуваат на заштита на животната средина и подобрување на воздухот кој го дишеме. Пред пуштањето во употреба, беа извршени тестирања на работата на филтерот, кои покажаа одлични резултати” – рече Шилегов.

Со тестирањето се утврди дека просечното количеството на издувните гасови јаглерод моноксидот, азотните оксиди, сулфурните оксиди и ПМ10 честичките не ги надминуваат граничните вредности согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.

Дополнително, покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение горивото на кое работи печката, нафтата, е заменето со гас. Како што ветивме, работиме на долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период.  Свесни сме дека со ова не го решаваме во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение – нагласи Шилегов.

 

Депонијата „Дрисла“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и е единствената депонија во земјава која собраниот комунален отпад го депонира согласно со европските стандарди. Со поставување на новиот филтер на печката за согорување медицински отпад, целосно ги исполнува сите стандарди, согласно со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух.

Измерените вредности на гасовите и ПМ10 честичките што ги испушта, иако во најголем дел беа во граничните вредности, согласно со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, во одредени периоди од процесот на согорување ги надминуваа истите, што укажа на потребата од конструирање и инсталирање нов филтер кој сите вредности на гасовите и прашината што ги испушта ќе ги сведе на минимум. Дополнително, со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафтата, е заменета со гас пропан-бутан.

Самиот филтер се состои од механички фаќач на ПМ честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење.

 

Мерењата на излезот од филтерот покажаа одлични резултати:

  • Јаглеродмоноксидот изнесуваше 140,09мг/м3 од дозволените 150.
  • Азотните оксиди 60,71мг/м3 од граничните 400мг/м3, а сулфурдиоксидот 23.22мг/м3, од максимално дозволената граница 200мг/м3.
  • Количината на измерени цврсти честички-прашина, односно PM 10 честички изнесуваше 25,84мг/м3 од граничната вредност, 30мг/м3.
  • Сулфурните оксиди и азотните, 10 до 15 пати се намалени. CO, исто така, е намален, а ПМ честичките од 150-160мг/м3 паднати се на 25мг/м3.

Врз основа на овие резултати, акредитираната лабораторија донесе заклучок дека согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување (Сл. Весник на РМ, бр. 123/2009), просечните концентрации за емисија не ги надминуваат граничните вредности.