Шилегов: Иванов го крши Уставот

Сподели

 

Ѓорге Иванов го крши Уставот и законите и јасно се става во одбрана на криминалот на Никола Груевски, изјави денеска на прес-конференција, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Ѓорге Иванов нема право политички да дискриминира. Иванов го додели мандатот на Никола Груевски без да му бара потпис од 61 пратеник и да поставува услови за програмата. Оттука нема право тоа да го бара од претседателот Заев. Ова е недозволиво кршење на Уставот од страна на Иванов, за што се одговара и според Уставот и според Кривичниот законик. Со своето однесување, Иванов и во овој случај, како и претходно со аболициите, јасно се става во одбрана на криминалот на Никола Груевски. Со тоа Ѓорге Иванов ги доведува во опасност и граѓаните и државата – рече Шилегов.

Прашан за коментар на условите што треба да бидат содржани во програмата според Иванов, Шилегов истакна дека ниту во Уставот, ниту во Законот за влада не постои обврска на мандатар да презентира било каква програма до претседателот, во случајов Ѓорѓе Иванов.

– Програмата се презентира до пратениците и таа е предмет на усвојување од страна на Собранието, не од страна на Иванов – нагласи портпаролот на СДСМ.

На прашањето дали СДСМ почнало да собира потписи за состав на влада, тој рече дека СДСМ работи на изнаоѓање на решение коешто ќе доведе до брзо и ефикасно формирање на нова влада.

За тоа дали СДСМ ќе побара одговорност од претседателот Иванов за последната одлука, Шилегов изјави дека тој (Иванов н.з.) заминува во политичката историја во истиот момент кога тоа ќе се случи со Никола Груевски, со формирањето на новата влада.