Шилегов: Кривичниот совет да го укине незаконското решение на Поп-Стефанија

Сподели

PetreSilegov

Назначувањето на Александра Поп-Стефанија за судија во организиран криминал е спротивно на Законот за судовите, одлуката на Судскиот совет и на правилникот за работа на Судот, соопшти денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Портпаролот на СДСМ рече дека незаконска е и одлуката што ја донела Поп-Стефанија да се прогласи Специјалното јавно обвинителство за ненадлежно околу случајот за уништување на опремата за прислушување.

– Потсетуваме, во овој предмет осомничени се, меѓу другите, и Гордана Јанкулоска и Горан Грујовски. Поради процесни грешки, меѓутоа и поради неправилности и незаконитости на решението на Поп-Стефанија, Кривичниот совет на Основен суд – Скопје 1 треба итно да го укине ова незаконско решение. Откако ќе се укине ова незаконско решение, предметот за уништување на опремата за незаконско прислушување треба да се додели на судија кој суди во делот за организиран криминал – рече портпаролот на СДСМ.

Шилегов истакна дека претседателот на судот, Владимир Панчевски, има обврска да ја почитува одлуката на Судскиот совет и треба да ја врати Поп-Стефанија во Одделот за прекршоци и на нејзино место да назначи судија од редот на судиите од Основен суд – Скопје 1.

– Судски совет има обврска да поведе постапка за нестручно и несовесно работење против судијката Александра Поп-Стефанија што донесе решение спротивно на законот. Исто така, Судскиот совет има обврска да поведе постапка за нестручно и несовесно работење и против претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, поради флагрантно кршење на прописите. Овие незаконски одлуки се очигледен обид да се одбрани криминалната власт од правдата и од законите. Ништо друго – рече Шилегов.

Шилегов: Кривичниот совет да го укине незаконското решение на Поп-Стефанија