Вести Македонија Ударни вести

Шилегов по повод Денот на пожарникарите: Вие сте наша гордост!

Сподели:

 

Во противпожарната станица во Автокоманда беше одбележан 20 Мај – Денот на пожарникарството. Пред построените пожарникари командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, на градоначалникот Петре Шилегов му поднесе рапорт. Шилегов, во свое име и во името на нашите сограѓаните им го честита Денот на пожарникарството и  им упати  огромна благодарност за посветеноста и пожртвуваноста што ја покажуваат вршејќи ја својата благородна професија.

 

 

“Градот Скопје континуирано вложува во опремување и модернизација на Противпожарната бригада. Минатата година обезбедивме нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли што ги задоволуваат сите стандарди за безбедност, а обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури. Заменета е 35 години старата аналогна телефонска централа со современа нова дигитална централа” – рече Шилегов.

Тој додаде дека во текот на оваа година се очекува да стигне и новата противпожарна скала што е  набавена, а во план е и набавка и на 3 нови противпожарни возила.

 

“Ова се само дел од тековните потреби на Бригадата за противпожарна заштита. Знаеме дека на Бригадата за противпожарна заштита и е потребна нова и модерна опрема согласно со европските стандарди и заради тоа во континуитет вложуваме во истата. Бригадата за противпожарна заштита од минатата година е побогата за нови 29 пожарникари, а работиме и на тоа да обезбедиме нови вработувања во противпожарната бригада и годинава, иако овој процес заради изборите и епидемијата на коронавирусот е побавен. Со сите овие чекори го зголемуваме капацитетот на бригадата, а истовремено се доближуваме и до исполнување на европските стандарди согласно кои пропорцијата треба да биде еден пожарникар на 1500 жители. Во таа насока сакам да нагласам дека со секое вложување во техничката опрема и човечките капацитети на противпожарната бригада работиме на создавање на услови за поголема безбедност на граѓаните” – кажа Шилегов.

Исто така, Шилегов нагласи дека заштитата од пожари и безбедноста на граѓаните е од витално значење за нашето Скопје и дека секој спасен живот на наш сограѓанин е бесценет, но без пожарникарите таа хумана мисија би била невозможна.

“Како и досега, така и годинава ќе Ви посакам помалку пожари и многу спасени животи. Вие сте хероите на градот, наша гордост и гаранција за нашиот безбеден живот. Продолжете во таа насока, за нашето Скопје, за сите нас” – порача градоначалникот Шилегов.

Сподели: