Вести Македонија Ударни вести

Шилегов: Скопје го гледам како зелен град со многу зелени површини

Сподели:

 

Градоначалникот Петре Шилегов вчера присуствуваше и се обрати на отворањето на Share конференцијата во Скопје, во Националната филхармонија.

“Овој форум на архитекти и инженери е од исклучително големо значење за нашиот град заради можноста за размена на искуства и идеи од областа на архитектурата и градежништвото како основен предизвик за секој современ град. Оваа конференција е особено важна за нас како локална власт и заради отпочнувањето на процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје 2022-2032 е уште еден предизвик кој верувам дека ќе биде инспирација за многу дискусии и во рамките на оваа конференција. Имајќи предвид  дека станува збор за еден сложен и сеопфатен процес во подготовката на новиот ГУП на Град Скопје повеќе од потребна му е поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа “- рече Шилегов.

Тој додаде дека од позиција на градоначалник се залага за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард.

“Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето на чиста и здрава животна средина. Како градоначалник во повеќе наврати нагласив дека ќе се залагам Скопје да се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот. Верувам дека до 2022 година, кога истекува важноста на постоечкиот ГУП, имаме доволно време да ги вклучиме сите засегнати страни во изработката на новиот ГУП на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука верувам и дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани” – кажа Шилегов.

Шилегов нагласи дека искрено се радува што откако е тој  градоначалник, Град Скопје има одлична соработка со Асоцијацијата на архитекти на Македонија и се труди да ги следи препораките на домашните и на странските експерти во областа на архитектурата и градежништвото. Исто така, посочи дека тој смета дека во тој дел како градска управа ат простор или уште повеќе немаат право на импровизации какви што некои негови претходници си дозволиле и тоа не така одамна.

“Од поголемите предизвици со кои се занимававме во изминатиов период сакам да ја издвојам реконструкцијата на фасадите на 13 средни училишта, каде што се потрудивме кај најголемиот дел од нив да ја задржиме автентичноста на архитектонските решенија, а сепак да обезбедиме енергетска ефикасност при изведбата на овие реконструкции. Минатата година имавме конкурс за идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на Калето каде што побуди огромен интерес – добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Пристигнаа исклучително добри решенија со визија како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу поатрактивен.Во блиска иднина не очекуваат уште многу, се надевам за вас како фела, интересни предизвици. Најактуелен во моментов е конкурсот за идејно решение за паркот во Карпош кој го распишавме минатата недела До крајот на овој месец очекувам да се распише и конкурсот за идејно решение за изградба на зградата на новата Универзална сала во Скопје, а наскоро во план ни е и да распишеме конкурс за идејно решение за изведба на летна сцена во Градскиот парк имајќи ја во предвид зголемената посетеност на паркот во летниот период заради концертите, фестивалите и летните кина кои ги организиравме изминативе две години” – изјави Шилегов.

Тој, исто така, додаде дека Град Скопје е целосно подготвен да преземе сè што е неопходно неговите граѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови.

“Имајќи го предвид брзиот развој на модерните технологии, имплементацијата на „Паметен град“ како концепт бара брзи, конкретни, но добро испланирани и координирани чекори од повеќе институции на локално и национално ниво. Град Скопје е целосно подготвен да биде лидер во овој процес и да преземе се што е неопходно нашите сограѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови кои бележат сериозен напредок на ова поле. Отворени сме за нови издржани идеи на стручната јавност кои можат да помогнат овој концепт да стане наша реалност. Убеден сум дека оваа конференција ќе даде сериозен придонес во таа насока и ќе помогне во правилно насочување на активностите кои имаме обврска да ги преземеме за доброто на сите граѓани” – нагласи Шилегов на конференцијата.

 

 

 

 

 

Сподели: