Системски решенија за поефикасна заштита од семејно насилство

Сподели:

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието, одржа продолжение на надзорната расправа посветена на превенцијата и заштитата од семејно насилство.

Расправата се одржа со учество на претставници од извршната власт, судството, обвинителството, здравствениот сектор и граѓанските организации.

Во рамки на продолжението, свои излагања имаа: министерот за внатрешни работи Панче Тошковски; републичкиот јавен обвинител Ненад Савески; Даниела Димовска од Основен суд Скопје 1; м-р Бесник Авдија од Основен суд Скопје 2; проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство; како и Тона Карева Талеска од Хелсиншкиот комитет.

Во своите обраќања, учесниците се осврнаа на примената на законските решенија, предизвиците со кои се соочуваат институциите во пракса, како и на потребата од подобрена меѓуинституционална координација, навремено постапување и зајакнување на капацитетите на надлежните органи. Исто така, беше нагласено дека недостигот од системски решенија претставува клучен предизвик.

Беа отворени и прашања во однос на соработката со судската медицина при обезбедување доказен материјал, како и за институционалната комуникација со невладините организации.

Посебен акцент беше ставен на улогата на полицијата, обвинителството и судовите во обезбедувањето ефективна заштита на жртвите, како и на важноста од достапни и квалитетни услуги и ресурси за поддршка.

Присутните дискутираа и за потребата од унапредување на системот за рано препознавање на ризиците, зајакнување на превентивните механизми и обезбедување еднаков пристап до заштита за сите категории граѓани. Беше потенцирана и важноста од континуирана едукација на стручните лица, како и од зајакната соработка со граѓанските организации кои работат на терен.

Учесниците се согласија дека е неопходно институциите да бидат подобро поврзани и координирани, со цел постигнување поефективни резултати, при што примената на современи технолошки решенија може да претставува важна почетна точка.

Комисијата ќе продолжи со разгледување на добиените информации и стручни мислења, со цел да изгради сеопфатна слика за функционалноста на институционалниот систем и да подготви конкретни препораки за негово унапредување.

Сподели: