Сите возила на Град Скопје и јавните претпријатија под GPS контрола

Сподели:

Град Скопје воведува систем на целосна контрола и мониторинг на службените возила со цел намалување на непотребните трошоци, спречување злоупотреби и поефикасно управување со јавните средства. Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар. Системот овозможува во реално време да се следи локацијата на возилата, нивната маршрута и брзина, времето поминато во движење, како и потрошувачката на гориво. Дополнително, со специјални сонди се следи и нивото на горивото, со што се овозможува навремено откривање на нелогични трошоци и подобра контрола врз користењето на службените возила.

„Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување. Градскиот буџет е сопственост на граѓаните и со него мора да се управува домаќински, одговорно и транспарентно“, порачаа од Град Скопје.

ЈСП Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од околу половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, во споредба со првите шест месеци од истиот период минатата година. Град Скопје посочува дека ова е само еден дел од мерките насочени кон рационално користење на јавните средства.

Вооедно, градоначалникот користи сопствено возило и горивото го плаќа од сопствени средства, додека службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на Град Скопје.

Секој денар што ќе се заштеди од непотребно трошење да биде насочен кон подобрување на услугите и условите за живот на скопјани: улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и други приоритети, информираат од Град Скопје.

фото Град Скопје

Сподели: