СЈО бара притвор во случајот „Шамари во Центар“

Сподели

На денешното судско рочиште за „Насилство во општина Центар“ во Кривичниот суд не беше присутен обвинетиот Милан Андоновски поради боледување, на што реагираше обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, барајќи да му се изрече притвор како механизам да обезбеди негово присуство. Судот го одби предлогот за мерка притвор како неоснован.

Лекарски извештај за отсуството на обвинетиот Милан Андоновски во Судот го достави адвокатот Димитар Дангов.

Обвинителката Фетаи рече дека обвинетиот Андоновски досега отсуствува три пати од судските рочишта и поради тоа предложи да му се изрече мерка притвор како механизам за да обезбеди негово присуство.

Адвокатот Дангов се спротивстави на предлогот за притвор на Андоновски, бидејќи, како што рече, доставен е лекарски доказ.

На денешното рочиште на обвинетите на рака им беше даден примерок од обвинението, бидејќи Судот не добил повратна инфомација дали уредно го примиле обвинението кое претходно им било испратено по пошта. Единствено обвинетата Даниела Рангелова, како што беше речено на судењето, не го примила обвинението, поради промена на адреса на живеење.

Поради немање услови за одржување на судењето, рочиштето е одложено за 3 април.

Во предметот „Насилство во општина Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

МИА