СЈО смета дека Груевски може да избега, Груевски изјави дека се подготвува да победи на избори, не да бега

Сподели

 

Обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, денеска побара притвор за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи, како што рече, само така може да се обезбеди негово присуство.
Бубевски рече дека не може да му се достави покана на Груевски и дека лидерот на опозициската партија примил само една покана, на 6 април 2017 година.

– Не успеавме да најдеме доставувач кој ќе му достави покана, ниту пошта, ниту ДХЛ. Сите други покани ги добило неговото обезбедување. Му испративме 10 покани на Груевски и поради неодговарањето на повиците, тој е обвинет за попречување на правдата – рече Бубевски.

СЈО во одговорот на жалбата наведува дека Груевски одбегнувал да  се јави на распит иако примал покани редовно. Му биле доставени десет покани од кои примил само една, а останатите ги примило неговото обезбедување.

Одбраната пак навела дека поранешниот премиер само еднаш уредно добил покана за распит.

СЈО смета дека постои опасноста од бегство поради неговата голема имотна состојба на банкарски сметки кои би му овозможиле живот и надвор од Македонија, имал 10 милиони денари, 46 илјади евра и 7 илјади швајцарски франци на банкарските сметки.

Според одбраната, обвинението за Груевски е поднесено надвор од законскиот рок во кој СЈО имало право да поднесува обвиненија бидејќи на 30 јуни предметот не бил доставен до Кривичниот суд до 16:30 часот, до кога работи приемното одделение во судот туку подоцна во 21 часот. Според нив, обвинението не било поднесено од овластен тужител поради истекот на рокот од 18 месеци токму на тој ден.

Екс-премиерот, Никола Груевски, од својот лист прочита дека бил водач на најголемата македонска партија и дека граѓаните го гласале и покрај обвиненијата од СЈО.
– Јас се подготвувам да победам на избори, не да бегам. Каде би бегал во овој глобализиран свет, до сега не сум отсуствувал од рочиштата и на секоја покана од судот ќе се јавувам, вели Груевски кој смета дека јавувањето во суд и одземениот пасош се мерки само за гласачите да добијат перцепција дека е виновен.

Груевски е обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности.