Скопје домаќин на партнерите во ЕУ проектот „MATCHUP“

Сподели

 

Скопје овие два дена е домаќин на петтиот состанок на партнерите во европскиот проект „Мечап“ (MAtchUP), на кој се дискутира на тема „Максимизирање на потенцијалот за подобрување на квалитетот (UpScaling) и репликација на високо степените стратегии за урбана трансформација“.

На почетокот на средбата пред присутните се обрати заменик-градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи, кој ги поздрави и им посака успешна работа на средбата.

 

 

– Проектот MAtchUP предвидува посветена акција за употреба на обновливи извори на енергија, зголемување на одржливата мобилност и инвестирање во технологијата. Целта е градовите да се стекнат со квалитетни решенија на располагање на нивните паметни заедници кои ќе ги подобрат локалните економии и квалитетот на живот и ќе бидат модел за репликација во други градови и ќе доведат до урбана трансформација со активно учество на граѓани и други заинтересирани страни – кажа Малиќи.

Тој во своето обраќање се осврна на активностите на Градот Скопје за реализација на проектот „Паметен град“.

– Град Скопје е целосно подготвен да преземе се што е неопходно неговите граѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови. Тоа подразбира систематски собирани, корисни информации, организирани во функционален систем којшто ќе го поедностави секојдневниот живот на скопјани. Градот Скопје е посветен на тоа граѓаните на овој град да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација. Со реализација на проектот „Паметен град”, Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател се напредните информатички технологии – додаде Малиќи.

 

 

MAtchUP е проект за паметни градови финансиран од Европската Унија од програмата Хоризон2020 кој има за цел да креира и да преземе решенија кои можат да ги претворат урбаните проблеми во паметни можности кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните и ќе ги поттикнат локалните економии.

Проектниот конзорциум го сочинуваат 28 партнери од 8 различни земји, три градови лидери Валенсија, Дрезден и Анталија и четири градови-следбеници Остенд, Герција, Скопје и Керава, поддржани од истражувачки институции, МСП, индустрија и непрофитни организации. MAtchUP градовите ги здружија силите за да ги преструктурираат своите социјални, економски и еколошки модели и да промовираат социјална инклузија, подобри услови за живеење и просперитет за своите граѓани.

 

MAtchUP своите активности ги реализира во 4 сектори, и тоа:

 Енергетика – ПОМАЛКУ ЕНЕРГИЈА, ПОВЕЌЕ РЕШЕНИЈА:

– подобрување на енергергетска ефикасност на згради;

– висока интеграција на обновливи извори во снабдувањето со енергија;

– имплементација на напредни системи за управување со енергија комбинирани со иновативни системи за складирање.

 

Мобилност – ПАМЕТНИ РЕШЕНИЈА ПОДОБРА МОБИЛНОСТ:

– замена на конвенционални возила: ќе бидат воведени над 150 електрични возила;

– имплементација на околу 120 иновативни полначи за е-возила и е-автобуси;

– подобрени логистички решенија, како логистика базирана на е-велосипеди, и

– стратегии за мултимодалност.

 

ИКТ – ПОВРЗАНИ ГРАДОВИ ПОДОБРИ УСЛОВИ ЗА ЖИВОТ

– развивање на ИКТ решенија за подобро управување со планирањето, контрола и одржување на физички урбани инфраструктури и оперативни технологии кај згради, енергија и транспорт, за да овозможи подобри услуги за поединци и бизниси.

 

Граѓани – ПАМЕТНИ ГРАДОВИ, ГРАДОВИ НА ГРАЃАНИТЕ

– редизајн на градовите надополнувајќи ги техничките решенија со нетехнички, специфични активности за социјално ангажирање, одржливи иницијативи за вработување, размена на персонал, градско менторство и валидација на иновативни бизнис модели.

 Крајната цел на проектот MAtchUP е да креира просперитетна и динамична урбана средина преку преземање на мерки со цел подобрување на енергетската ефикасност, зголемена одржлива мобилност и инвестиции во технологија кои ќе служат како модел за урбана трансформација за другите градови во Европа и пошироко.

Град Скопје е град-следбеник во проектот и организатор на 5-та средба на партнерите која се реализира денеска, 11 декември и  утре, 12 декември 2019 година.

Овој проект е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.

denesmagazin.mk