Вести Македонија

Скопје го одбележува Денот на ослободувањето

Сподели:

Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

132373993

По тој повод, градоначалникот Коце Трајановски ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Потоа делегација на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.

Во 11:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата високи државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.

Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје, ќе продолжат вечер во Македонската опера и балет, каде ќе биде доделена наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и ќе бидат изложени дела од 11. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2016“. Ќе настапи хорот „Св. Злата Мегленска“, а потоа ќе биде изведена оперетата „Глорија“.

 Од спортските манифестации, за денеска се предвидени традиционално искачување на врвот Љуботен, меѓународен ватерполо турнир и ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.

Овој месец се одржаа традиционален шаховски турнир на пензионерите од Скопје и Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, турнир во мал фудбал, одбојка и шах на јавните претпријатија во Град Скопје, меѓународен кугларски турнир „Скопје Опен 2016“, карате турнир „13 Ноември“, меѓународен боксерски турнир „Златниот гонг“.

Во петокот се одржа и традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје.

музеј на град скопје.jpg

На 13 ноември пред 72 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Сподели: