„Скопје Смог Аларм“: Скопје го надмина годишниот ЕУ-лимит за аерозагадување уште во февруари

Сподели

Скопје и оваа година ги надмина годишните дозволени ЕУ граници за аерозагадување уште во февруари, што е показател дека еколошката и здравствена голгота на Скопјани продолжува и во 2018 година, информира групата „Скопје Смог Аларм“.

Како што објаснуваат екологистите, дозволената граница за концентрации на ПМ10 честички во просек во 24 часа е 50 микрограми на кубен метар. Во ЕУ, дозволениот број на надминувања на лимитите за PM10 честички е 35 денови во една календарска година.

„На 21 февруари 2018, овие ЕУ лимити се надминати на сите мерни станици во Скопје, освен Миладиновци, Општина Илинден“, велат од „Скопје Смог Аларм“.

„Апелираме до локалните и централните власти за итни и одржливи мерки за подобрување на воздухот во Скопје и низ цела Македонија. Воздухот во Скопје не смее да се користи како канализација на тешката индустрија и градежната индустрија. Мерки како дводневен бесплатен превоз се премали за еден од најзагадените градови во светот. Како за пример, Германија планира да воведе целосно бесплатен јавен превоз во пет најзагадени градови. Исто така, Кина ја ангажира армијата за да засади дрвја, најмногу во околината на главниот град Пекинг, и привремено затвори голем број на фабрики со цел да се намали загадувањето. Париз неколку пати воведе „ден без автомобили“ во центарот на градот“, порачува „Скопје Смог Аларм“.