Вести Македонија Ударни вести

Снимката за “Поткуп” ќе биде емитувана јавно и во целост

Во судењето за случајот „Поткуп“, во кое актуелниот премиер Зоран Заев е обвинет, дека како градоначалник на Општина Струмица барал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Сачевалиев, на денешното рочиште во Основен суд Скопје 1 ќе се прикаже целата снимка, на која и се темели случајот.

На досегашните рочишта, Заев тврдеше дека снимката е нецелосна и недостигаат два дела, поради што јавноста стекнала погрешен впечаток.

На барање на одбраната на обвинетиот, Судечкиот совет на Кривичен суд одлучи снимката, која е клучниот доказ на обвинителството против него, да биде емитувана јавно, иако е обезбедена со примена на посебната истражна мерка – тајно снимање.

Претходно делови од снимениот материјал беа објавени на „Јутјуб“.

– Почнаа суштините на постапките во случајот „Поткуп“ што се води против мене. Денеска сум задоволен што Судот го прифати барањето на мојата одбрана, но и моето да се направи јавно изведување на доказите, односно видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста – рече Заев минатиот понеделник пред Кривичниот суд.

На денешното рочиште, според најавите на судот, исказ треба да даде клучниот сведок, бизнисменот Сачевалиев, кој тврди дека Заев му побарал поткуп.

Според Обвинителството, Заев во својство на градоначалник на Струмица во 2013 година побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен од приближно 160.000 евра за приватизација на градежно земјиште.

Сподели: