Со „Ослободување на просторот“ Македонија оди на Венециското биенале на архитектура

Сподели

Република Македонија со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) ќе се претстави на 16. Меѓународна архитектонска изложба-la Biennale di Venezia 2018, која ќе почне на 26 мај и ќе трае до крајот на ноември годинава.

Претставувањето на Македонија на Венециското биенале е со поддршка на Министерството за култура, Музејот на современа уметност, Град Скопје и општина Центар.
„За разлика од вообичаеното претставување на веќе изработени дела и проекти, ова претставување е посебен проект кој својата промоција ќе ја види токму на Венециското биенале на архитектура. Важно е што се работи и за проект кој вклучува многу наши, но и странски перспективни и наградувани автори“, соопшти министерот Алаѓозовски.
 Министерот за култура изрази задоволство од тоа што авторите се согласиле за Венециското биенале да подготват проект кој, како што рече, ќе направи една архитектонска дисекција на таканаречениот проект „Скопје 2014“, која отвора можност за нови согледувања за начините со кои ќе можеме да се справиме со ова наследство кое де факто ќе остави белези на архитектурата на главниот град.
 Во проектот се избрани четири парадигматични простори:  платото на МОБ и кејот на реката Вардар, објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа „НАМА“, која излегува на плошатдот „Македонија“, дело на архитектот Славко Брезоски.
Од МСУ најавија дека овој проект пред македонската публика ќе биде претставен на почетокот на следната година.