Собрание на РМ: Реконструкција на Владата

Сподели

Во Собранието денеска на собраниска седница ќе биде разгледана и изгласана реконструкцијата на владата, една година откако овој пратенички состав го изгласа првичниот состав владата на премиерот Зоран Заев.

Прва точка на дневен ред ќе биде изборот на нови членови на Владата, што мора да заврши до полноќ, а како втора точка е изборот на заменици министри. Освен овие две точки, пред пратениците на оваа 49 седница ќе биде и огласувањето за избор на претседател, потреседател и членови на Државната изборна комисија.

Нови министри се Асаф Адеми од Беса за култура кој доаѓа на местото на Роберт Алаѓозовски, Бардуљ Даути од ДПА министер без ресор кој доаѓа на местото на Рамиз Мерки, Рената Дескоска за правда која ќе го замени Билен Салији, а неа во министерството за образование ќе ја замени досегашниот заменик Арбр Адеми.

За заменици министри се предложени Андреј Жерновски за заменик министер за надворешни работи, Асим Муса за заменик министер за здравство, Ѓонул Бајрактар за заменик министер за труд и социјална политика и Садик Беќири за заменик министер за транспорт и врски.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена соопшти дека ќе присуствува на оваа седница, но од таму потенцираа дека се работи за јалова реконструкција и за влада која што нема резултати и идеи.

– Се работи за јалова реконструкција, се работи за една влада којашто нема идеја и нема резултати. Се работи за влада којашто нема исполнето ниту едно од своите клучни ветувања. Во Македонија година дена наназад една шајка не е закована, една бандера не е направена, а беа ветени брда и долини. Дури и најголемите поддржувачи на СДСМ се разочаруваат од Зоран Заев и неговите министри. Така што, реконструкција на еден или двајца министри не го решава фундаменталниот проблем, а тоа е дека имаме неспособна гарнитура којашто не ги исполнува ветувањата и којашто не може и не знае да испорача резултати – изјави Влатко Ѓорчев пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.