Собранието се распушти, отворен патот за избори на 11 декември

Сподели

sobranie-raspushtanje-2-860x680

Со 110 гласа „за“ и ниту еден „против“, пратениците одлучија да се распушти Собранието на Република Македонија за на 11 декември да се одржат предвремени парламентарни избори.

Пред одлуката, пратениците и од власта и од опозицијата образложија зошто Собранието треба да се распушти.

За Рената Десковска од СДСМ, дошло време да се стави крај на владеењето на криминалната власт.

– Изминатите 10 години Македонија живее во агоноја на владеењето на коалицијата на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. По сите злоупотреби на власта, одлевањето на буџетот за свои цели и за отворање фирми на Белизе, сега дојде време тоа да се смени. Од оваа причина ја поднесовме иницијативата за распуштање на Собранието. Затоа, на 11 декември, на фер и демократски избори ќе се избориме за слободна и граѓанска Македонија – рече Десковска.

Солза Грчева кажа дека не очекува промени по овие избори, затоа што целиот неинклузивен Договор од Пржино ја довел Македонија да нема избор.

– Пред да се спушти завесата на овој куклен театар, сакам да кажам дека можеби некогаш ќе имаме нормални избори, но тоа сигурно нема да бидат овие избори – рече Грчева, прашувајќи ги пратениците што се случило и каде исчезнаа итните реформи на Прибе.

Роза Топузовска-Каревска се надева дека ова ќе биде крајот на еден од најконтроверзните мандати на Собранието.

Рафиз Алити од ДУИ рече дека многу бргу на претседателското столче во законодавниот дом ќе седне човек кој седниците ќе ги води на албански јазик. Тој очекува разврска на сите контроверзни случаи кои досега не биле решени.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДОМНЕ, Илија Димовски, рече дека конечно во Собранието сите консензуално се согласуваат дека треба да се одржат предвремени парламентарни избори.

–  Тоа што сите се согласивме со избори е очекувано затоа што македонските граѓани не заслужуваат уривање на институциите на државата и константна политичка криза. Следните 50 дена се одлучувачки за тоа по кој колосек ќе тргне државата и дали ќе дозволи некои удбашки структури да ја повлечат по лоши патишта. Се надевам дека по неколку дена опозицијата нема да трча по странските амабсади за да ја спасуваат од сигурен изборен пораз – рече Димовски.

Од денеска, по донесувањето на одлуката за распишување избори, политичките партии учесници во изборниот процес треба да потпишат кодекс за фер и демократски избори.

Еве какви се релативно кратките рокови до предвремените избори:

  • 18 октомври (утре) – МВР на магнетен медиум (хард диск) ги доставува бараните податоци за граѓаните до ДИК;
  • До 20 октомври ДИК треба да достави барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и во општинската администрација;
  • 27 октомври – ДИК мора да го стави на јавен увид избирачкиот список. Јавниот увид трае 15 дена, до  11 ноември;
  • 11 ноември – ДИК треба да ги објави описите на изборните единици;
  • 18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници;
  • 21 ноември – Почнува изборната кампања, а завршува на 9 декември 2016 година во 24 часот;
  • 22 ноември – ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;
  • 27 ноември – ДИК го потпишува избирачкиот список;
  • 11 декември – Предвремени парламентарни избори.

meta.mk