Вести Македонија Ударни вести

Спасовски: Македонија горда на одржаните фер, демократски и мирни избори

Сподели:

Министерството за внатрешни работи постапувајќи согласно своите законски надлежности, превзеде мерки и активности со кои им обезбеди на граѓаните слободно да ја изразат својата волја и да го остварат правото на глас, рече министерот Оливер Спасовски на прес конференцијата по завршувањето на вториот круг на изборите.

„Согласно податоците и информациите добиени во текот на целиот изборен ден, оперативниот штаб на министерството оцени дека изборниот ден помина мирно. Токму затоа, во мое име и во име на оперативниот штаб на министерството упатувам благодарност и им честитам на припадниците на македонската полиција за покажаната професионалност и за успешното и ефикасно извршување на зададените работни задачи. Полицијата постапуваше исклучиво согласно надлежностите и единствено во интерес на обезбедување на фер и демократска атмосфера“, рече Спасовски.

Не се забележани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир и сигурноста на граѓаните, а заради основани сомневања за сторени кривични дела против изборите, до сега се приведени седум лица. Приведено е уште едно лице за физички напад, но се уште се работи на овој случај за да се утврди дали има врска со изборниот процес.

„Во полициската станица Бит Пазар приведени се две лица поради сомнение за сторено кривичн дело “поткуп при избори и гласање“, а во врска со пријава дека на ул. “Максут Садик“ во Скопје се врши поткуп на гласачи. Во моментов се работи на целосно расчистување на овој случај. Исто така приведени се и пет лица кои што ги фотографирале избирачките ливчиња по гласањето. Од нив три се во Скопје, а по едно во Пробиштип и село Дулица:  на гласачко место во ОУ “26 Јули“ во Скопје, на гласачко место во месна заедница “Црниче“ во Скопје, на гласачко место во ОУ “Васил Главинов“ во Скопје на гласачко место во Пробиштип и на гласачко место во село Дулица, општина Македонска Каменица. Против овие лица ќе бидат поднесени соодветни прекршочни пријави“, рече министерот Спасовски.

За физичкиот напад врз едно лице во населбата Шуто Оризари приведено е едно лице и се работи на целосно расчистување на случајот.

„Дозволете ми уште еднаш да се заблагодарам на сите вработени во МВР за целиот вложен труд во текот на изборниот процес, но и да им се заблагодарам на граѓаните кои мирно и демократски го искористија своето право на глас. После подолго време, Република Македонија е горда што имаше фер, демократски и мирни избори“, рече Спасовски.

 

 

Сподели: