Вести Македонија Ударни вести

Спасовски: МВР соработува со Министерството во Грција сѐ до приведување на лицата Грујевски и Бошковски

Сподели:

“Постапката за екстрадиција на поранешните началници на УБК Горан Грујевски и Никола Бошкоски ја води Министерството за правда со меѓународна правна помош со Министерството за правда на Грција”, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на меѓународната конференција „Приватна јавна безбедност – соработка и партнерство“ на Факултетот за безбедност во Скопје.

– “Министерството за внатрешни работи имаше обврска да соработува со Министерството во Грција се до приведување на овие лица”, истакна Спасовски. Во однос на логистичката поддршка на обвинетите Грујевски и Бошкоски во МВР, Спасовски рече дека имаат многу податоци и дека заедно работат со Обвинителството, но оти информациите не се за споделување со јавноста.

На прашањето дали постои можност Грујевски и Бошкоски да се „пазарат“ со грчките служби во однос на споделување на информации за она што го работеле во изминатите години во УБК, Спасовски рече дека нема ниедна информација што досега не е поделена со јавноста со оглед на тоа што во јавноста преку т.н. бомби имаше можност да ги слушне разговорите за нивната работа.

Министерот Спасовски ја оцени безбедносната состојба во Македонија како стабилна, а во однос на вториот круг од локалните избори апелираше до граѓаните да бидат на висина на задачата да го остварат своето гласачко право и политичките партии да не злоупотребуваат институции коишто можат да го нарушат изборниот процес.

Сподели: