Спасовски-Цилиос: Нашата држава е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ

Сподели

 

Пренесена е силна порака за јасна поддршка на очекуваното отворање преговори на РС Македонија со ЕУ и на билатералната средба помеѓу двете делегации и на заедничката прес-конференција што ја имаа премиерот Спасовски и претседателот на Renew  Europe (Рињу Јуроп), Циолос.

На прес-конференцијата, претседателот на Renew Europe (Рињу Јуроп), Циолос, соопшти дека оваа парламентарна група, инаку трета по големина во Европскиот парламент со претставници од најголем дел од земјите членки на ЕУ, го поддржува процесот на проширување на Европската унија и смета дека РС Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, затоа што ги исполни сите побарани критериуми.

Исто така, беше пренесена и пораката за определеноста на Европскиот парламент да гради партнерски однос со нашата држава во пристапниот евроинтеграциски процес, на којшто се гледа како на можност за усогласување на законодавството со цел реформи што даваат резултати за граѓаните на нашата земја, но и како на достапност до пристапните фондови на ЕУ во интерес на квалитетот на живот на нашите граѓани.

Порачано е и дека од нашата држава се очекуваат мирни, фер и демократски избори и политичка кампања спроведена со позитивна реторика, што ќе биде значајно за Извештајот што го подготвува Европската комисија за земјава.

„За нас е многу значајна поддршката што ја имаме од Европскиот парламент, кон којашто со ист интензитет е придружена и поддршката на парламентарната група Renew  Europe (Рињу Јуроп). Со нашите пријатели споделивме заеднички став дека очекуваната позитивна одлука на Европскиот совет за нашата земја, заедно со новата методологија, ќе го врати кредибилитетот на ЕУ и ќе обезбеди кохерентен и предвидлив процес на пристапување, што нема да ја загрози одржливоста на досега постигнатите реформски резултати на Северна Македонија.

Тоа ќе ја потврди исправноста на нашата определба да бидеме полноправна членка на ЕУ, како што го заокружуваме полноправното членство во НАТО.

Затоа, и во оваа прилика, преку европските пратеници, упатив порака до сите земји членки на ЕУ да донесат позитивна одлука за отворање преговори“, рече премиерот Спасовски на прес-конференцијата.

На билатералната средба на двете делегации, што се одржа пред прес-конференцијата беше разговарано за значајноста на моментумот за исчекор во евроинтеграциите на нашата држава, со цел мотивација на граѓаните и на институциите за продолжување на движечките реформи кон зајакнување на институционалните капацитети и на определбата кон европските конструктивни политики и вредности, во интерес на добрата иднина на земјава и на регионот.