Специјалниот претставник на Обединетото Кралство во посета на земјава

Сподели

 

Сер Стјуарт Пич, Специјалниот претставник на Обединетото Кралство денеска и утре ќе дојде во посета на Северна Македонија за да се сретне со високи државни функционери, по што ќе ја посети и Бугарија, како дел од континуираната посветеност на Обединетото Кралство на стабилноста и просперитетот во регионот на Западниот Балкан, информираат од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

За време на посетата на Северна Македонија, Сер Стјуарт ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, членовите на опозицијата и младите со кои ќе разговара за начините на идното продлабочување на веќе воспоставените силни билатерални односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, при што ќе ја повтори силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Западен Балкан и ќе ја потврди посветеноста на Обединетото Кралство на зајакнувањето на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето со криминалот и корупцијата, се нагласува во соопштението од амбасадата на Обединетото Кралство во земјава.

Како Специјален претставник на премиерот, Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и другите претставници од регионот и сојузниците од САД и Европа во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучи промовирање на силни демократски институции и отворени општества, преку поддршка во справувањето со сериозниот и организиран криминал и другите заеднички безбедносни предизвици, се наведува во соопштението на Амбасадата на Обединетото Кралство.