Царински службеници и мобилни царински тимови спречија обиди за шверц на 103 мобилни телефони, повеќе од два тони банани, 500 пакувања суплементи, 400 литри маслиново масло, 53 литри масло од црно семе, 24 килограми режан тутун, опрема за спа уреди, околу 400 парчиња козметика, над 100 парфеми од познати брендови, како и домашни птици, соопштија од Царинската управа.
• На граничен премин Табановце царинските службеници во три случаи запленија 500 пакувања суплементи, автоопрема, алати за градежни работи и друга специјализирана скапа опрема со вкупна вредност од над 1,2 милиони денари.
Во други три случаи царинските службеници на граничниот премин Деве Баир при преглед на автомобили и автобус спречија и обиди за шверц на над 130 парфеми, меѓу кои и „Армани“, Жан Пол Готје, Марк Џејкобс.
Против сторителите, македонски државјани, се поведени соодветни постапки – во пет случаи прекршочна, а во еден случај покрената е кривична постапка пред ОЈО Куманово.
• Инспектори од Одделението за оперативни работи при преглед на возила на граничните премини, во внатрешноста на државата, како и при преглед на стока за увозно царинење спречија повеќе обиди за шверц.
Во еден случај откриен во внатрешноста, две лица македонски државјани се затекнати како вршат претовар на стока од автобус во патнички возила, за којашто не поседувале документи ниту доказ за платени увозни давачки.
• Царински службеници од царинарница Гевгелија спречија обиди за криумчарење 2,3 тона банани и 400 литри маслиново масло.

• 24 килограми режан тутун без акцизни маркички се пронајдени во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, при контрола извршена oд царински службеници на излез од царинската испостава Слободна зона Бунарџик.
• Царинските службеници на граничниот премин Делчево, во два одделни случаи, при контрола на автомобил и камион, открија обиди за шверц на делови за камиони, 100 литри синтетичко моторно масло, алати, дрон и негови компоненти, фотоапарат и разна друга стока.
• На граничниот премин Деве Баир на излез од државата царинските службеници открија 103 половни „Ајфон“ и „Блекбери“ телефони што бугарски државјанин сакал да ги криумчари.


