Средба на претседателот Џафери со претседателот Тасулас

Сподели

 

Во рамките на 9. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржува на 1 и 2 јуни 2022 година во Атина, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, оствари средба со домаќинот, Константинос Тасулас, претседател на грчкиот парламент и на ПС на ПСЈИЕ.

 

 

Претседателот Џафери изрази задоволство од реализирањето на втората заедничка средба на двајцата претседатели во Атина и упати честитки за успешното претседавање со Парламентарното собрание на ПСЈИЕ. Тој истакна дека Северна Македонија е фокусирана на зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа. Истовремено, потсети дека во грчкиот парламент има ратификации кои не се усвоени а со нив би се унапредила соработката со Република Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите и затоа побара нивна што поскора ратификација. Претседателот на Собранието ги нагласи билатералните придобивки од нашето членство во НАТО, како што е соработката и заемната координација меѓу релевантните институции на двете земји, континуираната соработка на граничните служби за справување со мигрантските текови и техничките аранжмани за одбрана на двете држави за заштита на воздушниот простор. Ја нагласи и потребата од итно отворање на преговорите и одржување на првата меѓу-владина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија,  изразувајќи благодарност за поддршката на Грција на овој план. Осврнувајќи се на економската соработка, тој истакна дека последните податоци покажуваат дека вкупната размена веќе го постигнала предпандемиското ниво, a грчките инвестиции во Северна Македонија се на високо ниво и очекуваме да продолжи нагорниот тренд.

Претседателот Константинос Тасулас изрази задоволство од меѓупарламентарната соработка, како во рамките на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, така и на билатерален план и оцени дека оваа соработка во голема мера може да  придонесе за нашиот пат кон ЕУ. Тој нагласи дека Грција ќе продолжи со активната поддршка за европската интеграција на Северна Македонија и ангажманот за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ. Тасулас се осврна и на соработката во рамките на НАТО, нагласувајќи дека одличен индикатор за добрите односи меѓу државите од регионот е  фактот што Грција го штити воздушниот простор и територијалниот интегритет на Северна Македонија и на Црна Гора.

Претседателите Џафери и Тасулас ги повторија заложбите за интензивирање на билатералната парламентарна соработка, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на групите за пријателство и соработка. Воедно, соговорниците изразија подготвеност за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што ќе обезбедат поблиско поврзување меѓу двете држави и народи.

Деветтата Пленарната сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ заврши со усвојување на Финална декларација*.