Вести Македонија Ударни вести

Средба на претседателот Џафери со Сер Стјуарт Пич

Сподели:

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денес оствари средба со Сер Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Претседателот искажа особено задоволство од денешната средба и се заблагодари на гостинот за неговата активна агенда во регионот и честите контакти со нашата држава, кои се многу ценети и претставуваат поттик за унапредување на севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.

 

 

Претседателот Џафери се осврна на динамичната и конструктивна соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство и на силното билатерално партнерство, кое резултира во исклучително силна поддршка на нашиот евроинтегративен процес преку финансирање на проекти во различни области. Особено се цени долгогодишната соработка и со Вестминстер Фондацијата за демократија (WFD) и проектите кои се имплементираат, а се во функција на ефективно спроведување на клучните функции на Собранието. Билатералната меѓупарламентарна соработка се надградува и преку пратеничките групи во двата парламента, како и преку соработката меѓу двете делегации во ПС на НАТО и другите мултилатерални организации.

Соговорниците разговараа за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, војната во Украина, импактот на трети влијанија врз фрагилните демократски процеси во регионот, потребата од политичка кохезија меѓу сите државни и политички фактори, како на внатрешен така и на надворешен план. Стана збор и за потребата од зголемено внимание на ЕУ во овој регион за да се намали влијанието на трети сили кои може да го свртат текот на неговото евроатлантско интегрирање, а кое не е во интерес на големото мнозинство граѓани на овие земји. Сер Пич искрено се заблагодари на големата и видлива солидарност што Република Северна Македонија ја покажа и потврди кон Украинскиот народ, со што земјата јасно покажа дека застанува на линијата на ЕУ и НАТО сојузниците.  

 

Се споделија и видувања во однос на идните активности во скрининг процесот и следната фаза на меѓувладината конференција, енергетските предизвици на регионот и на Европа генерално, за очекувањата од Берлинскиот процес и Проектот Отворен Балкан, при што двете страни се заложија за натамошно продолжување и имплементирање на предвидените активности.

 

Сподели: