Средба ЗАЕВ – МИЦКОСКИ: Фер и демократски избори

Сподели

По вечерашната средба во Владата премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најавија дека работни  групи на СДСМ и на ВМРО – ДПМНЕ од денеска ќе работат на новиот  предлог закон за јавно обвинителство со кој се предвидува интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство.

На средбата е разговарано за обезбедување услови за одржување фер и демократски претседателски избори и за реформските закони, меѓу кои се и законите за разузнавачките служби.

Заев и Мицкоски не разговарале за предвремени парламентарни избори, а не било  прифатено барањето на ВМРО-ДПМНЕ на нивен предлог да се избира државниот јавен обвинител.

– Ќе направиме сѐ, процесите да се одвиваат во вистинскиот правец. Имавме конструктивен приод и од Мицкоски. Јас ќе останам позитивен. Ние сме исправени пред сериозни историски одлуки. Секој ќе ја носи својата одговорност. Очекувам преку разговорите на работните групи да се дојде до консензус. Процесот на помирување треба да продолжи. Чувствувам позитивен однос и за тоа од опозицијата – рече Заев.

„Фаворити сме со Стево Пендаровски и тоа е најголемата гаранција за кристално чисти избори за да има поголем легитимитет и да биде претседател на сите граѓани, дури и на тие кои гласале за противничкиот табор“, изјави Заев.

„Нашите ставови се јасни,  ова Специјално јавно обвинителство треба да се вгради во јавно-обвинителскиот систем на Република Северна Македонија, каде што треба да му се даде шанса на овој капацитет кој е создаден во државата да продолжи на чело со Катица Јанева и целиот тим, не само обвинители, туку и истражители, целиот тим и да биде репер и на тоа ниво ги подигаме капацитетите на останатите јавни обвинителства“, потенцира премиерот Заев.

Очекува низ разговарите да се создадат услови законот да се поддржи консензуално.

„Треба некаде до крајот на март да изградиме заеднички ставови и да ги изгласаме сите реформски закони, вклучително и овој закон. Значајно е што во самиот закон има лимитирање на користењето на неовластените прислушкувани материјали, а тоа дава за право и опозицијата да го земе ова за алатка, да овие капацитети на севкупното јавното обивнителство му дадат шанса да видиме како ќе се однесува кон владејачката гарнитура“, рече меѓу другото премиерот и лидер на СДСМ, Заев.

Според Мицкоски, средбата била корисна за релаксирање на политичките околности за кредибилен изборен процес и претседателска трка и за неоходната реформска агенда за државата да добие датум за преговори со ЕУ.

Генерално темите би ги поделил во два дела. Првиот дел е обезбедување на услови за одржување на фер претседателски избори во кои што ние како опозиција цврсто веруваме дека ќе ги победиме. И второт дел беше оној во кој што разговаравме за таканаречените реформски закони, односно законите кои што се дел од реформската агенда која што е неопходна за конечно Македонија еве после оној обид од минатата година да добие датум за отпочнување на преговори со Европската Унија.

Цениме дека државата не оди во вистинска насока, дека оди во погрешна насока и токму од тие причини инициравме една ваква средба во ваков формат.

Отприлика тука би го заокружил денешниот состанок. Разменивме факти разменивме аргументи од наша страна, ги слушнавме аргументите од страна на владата.       

Го пренесов и чувството кое што постои помеѓу политичките неистомисленици дека имаме чувство на политички прогон кој што се случува. Така што мислам дека беше корисна оваа средба за релаксирање на политичките околности во државата, за еден кредибилен изборен процес, за една кредибилна претседателска трка која што следува, која што повторно ќе кажам ние сме цврсто убедени на крајот од денот дека професорката Гордана Силјановска Давкова ќе биде иден претседател на Република Македонија. Но и онаа реформска агенда која што е неопходна за Република Македонија да го добие конечно оној датум за отпочнување на преговори со ЕУ“-изјави Мицкоски.