Стартува проектот „Мој ДДВ“ за поврат на ДДВ од 15 отсто

Сподели

Денеска почнува примената на владиниот проект „Мој ДДВ“ и со тоа граѓаните првпат имаат можност да побараат поврат на 15% од платениот данок на додадена вредност (ДДВ).

Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство.

Можноста за поврат на 15% од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани со наполнети 15 години кои се регистрирани на системот на Управата за јавни приходи. Ќе треба да ги земат фискалните сметки на продажните места и да ги скенираат преку мобилен телефон и да ги испратат на апликацијата што ќе биде достапна на страницата на УЈП.

Повратот на ДДВ ќе се прави преку скенирање баркодови на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да се однесува за сторнирани фискални сметки и ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска. На ранливите категории и постарите лица кои не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и баркод читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили.

Апликацијата „Мој ДДВ“ дозволува скенирање само на валидни фискални сметки. Со скенирањето на баркодот системот на Управата за јавни приходи ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, а незаконските компјутерски сметки системот нема да ги препознае. На овој начин граѓаните ќе знаат дека тој што им издал ваква сметка им го скратил правото да им бидат вратени пари како заштеда, еднакво како и даночните обврзници што не издаваат фискални сметки.

За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да се плаќа персонален данок.Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.

Апликацијата Мој ДДВ е достапна за симнување преку следниот линк МојДДВ.