„Стоп на говорот на омраза“ – превентивна активност на СВР Тетово

Сподели

 

Денеска на поширокото гостиварско подрачје започна превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, чиј носител е Отсекот за превeнција во Секторот за внатрешни работи Тетово, во координација и соработка со ОБСЕ.
 
Со овој проект кој ќе се реализира и на тетовското подрачје ќе бидат опфатени над 3200 ученици од втора година кои следат настава на македонски, албански и турски јазик во вкупно 13 средни училишта на подрачјето, а се планира да трае до крајот на овој месец. На посебни часови, стручно обучени полициски службеници поблиску ќе ги запознаат учениците што претставува говорот на омраза, како да се препознае и како да се превенира истиот, не само на училиште, туку и во нивното слободно време, на социјалните мрежи и секаде каде ќе се пројави во неговиот основен вид и со неговите општствено негативни карактеристики и крајни последици.
 
На учениците, исто така, ќе им биде објаснето како да се воздржат и надминат сите предрасуди и стереотипи во кои е содржан ваков говор, да не се поттикнува истиот, нетолеранцијата, дискриминацијата и другите форми на девијантно однесување на младите, а кои во крајна линија неретко можат да бидат причина и за врсничко насилство во училиштата и надвор од нив.На учениците, исто така, ќе им биде поделен и соодветен едукативен материјал.