Вести Македонија

Стропницки: Нема да ја оставиме Македонија сама во мигрантската криза

Сподели:

thumbs_b_c_4ba9237950c499c28ed3d1745501b953

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за одбрана на Република Чешка, Мартин Стропницки, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, по средбата со својот македонски колега Зоран Јолевски, изјави дека Македонија е важен и близок партнер на Република Чешка и дека доказ за ова се бројните средби на државните претставници на двете земји, јавува Anadolu Agency (AA).

Стропницки истакна дека Република Чешка ги разбира амбициите за членство на Македнија во ЕУ и НАТО, и додаде дека неговата земја како во минатото, така и во иднина ќе продолжи да ги поддржува целите на Македонија. Тој ја истакна и улогата на Македонија во мигрантската криза, и рече дека Македонија игра важна улога и не треба да биде сама во справувањето со кризата.

„Во однос на мигрантската криза, ние јасно гледаме дека Македонија е навистина во комплицирана ситуација и таа има многу важна улога. Во оваа насока, нема да ја оставиме Македонија сама и ако ситуацијата се влоши во иднина, ние сме подготвени да дадеме поддршка во материјални и човечки ресурси“, рече Стропницки.

Министерот Стропницки не ја отфрли можноста за евентуален нов бран на мигранти во иднина. Тој најави дека утре ќе го посети бегалскиот камп на македонската јужна граница, каде што ќе се запознае со ситуацијата на местото каде што поминуваат мигрантите.

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, рече дека со својот чешки колега се согласиле да ја продолжат соработката меѓу двете земји и да разменуваат информации во областа на мигрантската криза. Тој истакна дека Чешка секогаш ја поддржувала Македонија во многу аспекти, вклучувајќи ја и мигрантската криза.

„Во текот на разговорите стана збор за евро-атланската интеграција на Република Македонија. Истакнав дека ги има исполнето сите услови за членство во НАТО. Членството на Македонија во НАТО е мошне значајно, не само за стабилноста на Република Македонија, туку и за целиот регион“, истакна министерот Јолевски.

Чешкиот министер Мартин Стропницки беше примен од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Инаку, во Собрание е одлуката за продолжување на кризната состојба до 30 јуни 2017 поради, како што се наведува, зголемен влез и транзит на мигранти низ Македонија.

Сподели: