Вести Македонија

Судството, СЈО, НВО, МВР, бизнис-секторот билe мета на власта според Стејт департментот

Сподели:

Неуспехот од воспоставувањее на независен и непристрасен судски систем, мешањето на власта во судството, опструкциите на работата на Специјалното јавно обвинителство, притисокот и заплашувањето на невладиниот сектор, влијанието на владејачката коалиција во приватниот бизнис и загрозувањето на слободата на говорот во медиумите се дел од забелешките нотирани, во добар дел и детално, во најновниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбите во Македонија за минатата 2016 година.

Судство, Јавно обвинителство и Специјално јавно обвинителство

Иако Уставот (на Македонија, н.з.), предвидува „автономни и независни“ судови, поддржан од независен и од автономен Судски совет, Стеј департментот нотира дека судството во земјава не успеало да демонстрира независност и непристрасност, со судии подложни на политичко влијание и со корупција.

Како пример за политизацијата на судството се наведува изборот на 28 нови судии на почетокот на септември од страна Судскиот совет, од кои „голем дел се перципирани како лојални на владејчката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

„Правните експерти и аналитичари тврдат дека поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ доминираат во Судскиот совет и дека партијата влијае на нивото назначување“, стои во извештајот, во кој се нотира и дека бројни судии ја обвинуваат владата дека ја користи својата надлежност врз државниот буџет за да вршат контрола над судството“.

Во врска со опструкциите врз работата на Специјалното јавно обвинителство, Стејт департментот нотира дека во периодот од 2012 до 2016 година, Основниот суд Скопје 1 прифатил 99 отсто од барањата за притвор на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корпуција, но само четири од вкупно 23 барања за притвор на СЈО се одобрени, од кои едно подоцна е отфрлено со контроверзните помилувања на претседателот Ѓорге Иванов, а три се редуцирани на домашен притвор.

„Кон крајот на арпил, претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, назначи две нови судијки во одделот за организиран криминал и корупција на судот… Ниту една од судијките нема доволно судско искуство за да го оправда назначувањето. Двајцата судии беа назначени да работат на предмети поднесени од Специјалното јавно обвинителство…“, стои во извештајот.

Министерството за внатрешни работи и полиција

Извештајот на Стејт департментот забележува дека постојат голем поплаки за незаконска или прекумерна употреба на сила од страна на полицијата при извршувањето на нејзините должности.

„Меѓународните набљудувачи, амбасадите и локалните невладини организации укажуваат на корупција, недостиг од транспаретност и политички притисок во МВР, кои се пречка во напорите за борба против криминалот, особено против организираниот криминал“, стои во извештајот на американскиот Стеј департмент.

Медиуми и слобода на говор

Изваштајот нотира и дека голем број претставници на медиумската заедница често ја обвинуваат владата за непочитување на слободата на говор во медиумите, а ги наведува и случаите на физички напади врз новинари.

„…Четири од пет национални телевизии („Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и МТВ1) имаа сихнронизирано известување во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Новинарите пријавуваат притисок за прифаќање провладини гледишта, а во спротивно се соочуваат со губење на своите работни места. Неколку новинари пријавија закани и заплашувања упатени до нив, од кои дел, наводно, доаѓаат од владини функционери. Извештаите регистираат повеќе од 30 случаи на насилно однесување од претставници на јавни институции против новинари. Овие инциденти се движат од физички напади до смртни закани, како и одземање или уништување на новинарска опрема“, се наведува во извештајот.

Економија

Стејт департементот, повикувајќи на тврдења од невладините организации, во извештајот наведува дека доминантната улога на владата создала услови за корупција во економијата, наштетувајќи им на бизнис-релациите и намалувајќи го економскиот пораст.

„Мешањето на владата во приватните бизниси е широко распространето… Според НВО, снимките (прислушуваните разговори, н.з.) покажуваат дека владата, директно или индиректно, контролира значаен дел од приватните компании и изнудува средства од нив…“, стои во извештајот.

Предвремени парламентарни избори

За изборниот ден, повикувајќи се на прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, Стејт департментот нотира дека генерално бил добро спроведен, но забележува дека изборите се одвивале „во опкружување што го карактеризира недостиг од јавна доверба во институциите и во политичкиот естаблишмент и наводи за принуда врз гласачи“.

„Според ОДИХР, изборите не успеаја да исполант некои од важните укажувања на ОБСЕ за демократски изборен процес, вклучувајќи заплашување на гласачи, широко присутен притисок врз јавните службеници, купување гласови, принуда и злоупотреба на јавни ресурси“, се вели во извештајот.

НВО и „десороизација“

Стејт депарментот во извештајот забележува дека домашните и странските организации за човекови права генерално работеле без ограничувањата од владата, но нотира дека според извештатите, кон крајот на декември минатата година, даночните власти во земјава почнале инспекции во дел од невладините организации.

„Управата за јавни приходи (УЈП) почна со спроведување ревизии по изборите. Овие ревизии коинцидираа со повикот на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „десоросоизација“ на земјата, алудирајќи на ставање крај на меѓународната помош со донации за НВО. Опозициската партија СДСМ подоцна откри дека 42 членови на опозицијата кои отворено го критикувале Груевски и претходната влада, исто така биле предмет на ревизии и на истраги. Критичарите, вклучувајќи го и омбудсманот, ваквите ревизии ги оценија како ’лов на вештерки’ и ги повикаа јавните институции да не им служат на интересите на политичките партии или на нивни членови“, се додава во извештајот на Стејт департментот.

meta.mk

Сподели: