Сведочење на полицаецот Аљими: Ни во филм не сум видел луѓето да бидат толку насилни

Сподели

На денешното рочиште против обвинетите за нападот на пратеникот Села, сведочеше собранискиот обезбедувач, Абдулфетах Аљими, кој е еден од триесетте обвинети за ланскиот насилен протест во Собранието од 27. април.

,,Во прес центарот влегов една минута после толпата, фрлаа се’ и сешто. Тешко е да се опише тоа, ни во филм не сум видел луѓето да бидат толку насилни”, изјави сведокот кој е вработен како обезбедување во Собранието.

– Заев веќе имаше крв и толпата фрлаше со столици и секакви предмети, беше хаос. Се бараше шиптарска крв, овие зборови доаѓаа од толпата. Колку што можевме ги браневме со колегите пратениците и новинарите. Толпата беше толку насилна што нашиот живот беше загрозен во секој момент, рече Аљими.

Тој кажа дека имало едно лице кое сепак ја смирувало толпата што го напаѓала Зијадин Села. Сведокот го препозна ова лице во судница, посочувајќи го Александар Јаневски Тошта, кој е еден од десетте обвинети за обидот за негово убиство. Сведокот денеска во судница го препозна и обвинетиот Ќире Ѓорѓиевски, за кого рече дека имал црна фантомка и стоел на стол кој бил поставен врз маса, командувајќи со рака кој да нападне. Аљими раскажа дека и тој бил удрен двапати по што ја изгубил свеста.

Откако се освестил, од прес центарот се упатил кон Клуб на пратеници, каде бил преместен Села за кого мислел дека веќе е мртов.

Денешниот сведок раскажа дека оттаму, Села го преместувале во повеќе простории, за на крај да го изнесат маскиран како полицаец. -Додека го носевме викавме ‘имаме повреден полицаец’.

Пред судот денеска искази треба да дадат и сведоците Мухамед Зекири и Игор Јанакиев.