Светска банка ја поддржува Македонија во проекти со вредност од 350 милиони евра

Сподели

Министерството за финансии најави нов предлог-закон за буџет со кој ќе се воведуваат промени во среднорочното буџетско планирање, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

– Јавниот долг изнесува 4,7 милијарди евра и потребно е да се промени среднорочното буџетско планирање. До крајот на годината ќе има промени во буџетската рамка со предлог-закон за реформи во овој дел – изјави Тевдовски.

Министерот за финансии денеска имаше средба со претставници на Светска банка во Владата и со нив, меѓу другото, било разговарано за ефикасноста на трошењето на јавните финансии.

Регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, рече дека заедно со владата ги разгледувале приоритетите за поддршка во различни области, како што се подобрување на општинската инфраструктура, надградба и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, енергетска ефикаснсот, социјална заштита, транспарентност.

– Со владините претставници имавме конструктивна дискусија за Македонија да стане држава со високи приходи. Се заложуваме за формирање делотворно партнерство за економски напредок и за просперитет на граѓаните. Разговаравме за поврзување во области за реформи во владините политики за постигнување високи приходи на граѓаните, макроеркономска стабилност и одржливост, интеграција во глобалната економија, деловно опкружување поврзано со инвестиции и пораст на приватниот сектор, пристап до можности за сите граѓани – изјави Ван Гелдер.

„Министерството за финансии веќе почна со реализација на еден од стратешките препораки од Светска банка, а тоа е транспарентност на јавните финансии. До крајот на годината планираме да излеземе со промени на Законот за буџет, за да го подобриме буџетскиот проток и да воведеме една кредибилна рамка на средорочно буџетско проектирање“, рече Тевдовски.

Светска банка ја поддржува Македонија во проекти од седум области со вкупна вредност од 350 милиони евра.