Тачи: Формирањето војска на Косово го поддржуваат 110 пратеници

Сподели

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, вчера го посети кампусот на Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ) во општина Љипљан, каде што одржа предавање пред студентите и професорите во врска со актуелните случувања во Косово, јавува Anadolu Agency (AA).

Косовскиот претседател за време на предавањето истакна дека трансформацијата на Безбедносните сили на Косово во војска, ја поддржуваат 110 од 120 пратеници на Собранието на Косово, и дека освен 10 српски пратеници, сите заедници што живеат на Косово го поддржале формирањето на војската.

Тачи оцени дека пратениците на „Српската листа“ не смеат да гласаат поради притисокот од Белград. Тој повтори дека поради одбивањето на Србите да гласаат за уставните промени, иницирал да се направи трансформација на БСК во војска по пат на закон. Иако НАТО и САД се спротивставија на трансформирањето на БСК во војска со законски промени и инсистираат на уставни промени, Тачи порача дека процесот ќе биде во потполност координиран со меѓународните фактори.

„Овој процес е незапирлив, ќе се заврши успешно. Почетокот и крајот ќе бидат успешни, заедно со меѓународната заедница. Ниту еден меѓународен фактор не е против основањето на вооружените сили на Косово. Само да разгледаме околу процедурата и датумите“, изјави Тачи.

Тој нагласи дека и улогата на војската за Косово е многу значајна.

„Не можеме да се зачлениме ниту во НАТО, ниту во некој друг механизам, ниту пак да го започнеме процесот Партнерство за мир, без основање на војската“, изјави тој.

Тачи изјави дека ставот на Европската Унија е дека Косово не може да добие визна либерализација без да се ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора. Бидејќи пратениците на опозицијата се противат, тврдејќи дека Косово губи над 8.000 хектари земја, претседателот ги повика да го изласаат тој договор.

Anadolu Agency