Таравари: Директорот на Фондот за здравство не оди на работа и не ми крева телефон, ќе го разрешам деновиве

Сподели

До крајот на неделата ќе биде разрешен директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефановски, оти не оди на работа и го игнорира Министерството за здравство, изјави министерот за здравство Арбен Таравари за Сакам да кажам.

Тој вели дека се уште не одлучиле кој ќе го замени Стефановски, но додава дека се во потрага по компетентен, професионален и совесен кадар.

Тој ги потврди неофицијалните информации дека размислуваат во Фондот за здравствено осигурување место двајца директори, како што е сега, да има само еден директор, како и тоа дека се размислува ФЗОМ да се спои со Министерството за здравство, а не да биде издвоена институција.

„Има такви идеи. Тоа засега е само идеја. Но, се размислува дека ФЗОМ треба да има само еден директор. Уште еднаш ќе консултираме релевантни лица, ќе зборуваме уште еднаш и во Влада и ќе донесеме решение. Ќе гледаме тоа да биде функционално и да нема условување меѓу ФЗОМ и Министерство за здравство, туку нивната работа да биде поврзана. Така ќе функционираат многу подобро, отколку да се поделени“, вели Таравари.