Термините за судењето на „Тенк“ „Трезор“ закажани за во јануари и февруари 2018

Сподели

Судечките совети кои постапуваат по случаите „Тенк“ и „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство ги одредија термините за главна расправа, соопшти денеска Кривичниот суд во Скопје.

Како што информираат оттаму, судењето за „Тенк“ е закажано за 30 јануари, а главната расправа за „Трезор“ за 5 февруари, следната година.

Инаку, првообвинета во случајот „Тенк“, кој се однесува на набавката на „мерцедесот“ од близу 600.000 евра е поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанулоска, а поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се товари за кривичното дело примање награда за противзаконско влијание.

Во случајот „Трезор“ обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски, поранешниот шеф на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Сајковиќ.

Според СЈО, тие преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра