Вести Македонија Ударни вести

Тетово со протестен марш се солидаризира со Приштина против насилството врз жените и девојчињата

Сподели:

 

„5 мажи, 7 часа, девојчето 11 години“, се извикуваше на протесниот марш кој тргна од плоштадот „Илирија“ до Основниот суд Тетово. Градот преку овој протест во петокот се солидаризираше со Приштина против насилството врз девојчињата и жените, а повод беше силувањето на 11-годишно девојче од страна на 5 мажи во Косово. Граѓанското општество побара сторителите да ги добијат заслужените казни, пишува Порталб.мк.

„Отстранете ги педофилите од образовните институции“, „Жените и децата постојат и по политичките кампањи“, „Насилството е последното засолниште на неуспесите“, „Не, значи не“, „Мажи, каде ви е честа?“, „Таа има само единаесет години“, беа само дел од натписите на транспарентите на граѓаните.

Ви име на организаторите, психологот Небахте Зибери-Имери од центарот „Кортекс“ истакна дека нивната порака е дека во Тетово треба да се спроведе мирен марш за да се сочувствува со болката со сите жртви на насилство, секаков вид насилство, особено врз децата и малолетните лица.

Граѓанскиот сектор пред Судот, побара поголеми казни, и казните за педофилите да не се намалуват.

 

 

„Пораката е дека во Судот се носат одлуки кои не се како што треба за сторителите да добијат казни соодветни на нивните дела. И овде во Тетово има насилство, но медиумскиот фокус или внимание не е толку големо“, рече Зибери-Имери.

Професорката по семејно право Арта Селмани ве тек на протестот за Порталб.мк, изјави дека очекувала на маршот да има повеќе учесници.

„Ова доволно говори дека нашата свест е многу ниска и не сме свесни сѐ додека ни се случуваат вакви ситуации. Несомнено, затворот не е секогаш решение, нивниот третман (на силувачите и насилниците) треба да биде повеќе психолошки. Нашите девојки треба да бидат слободни и безбедни каде и да се“, рече Селмани-Бакиу.

Маршот го организираше Центарот за поддршка на жените во Тетово „Кортекс“, Движењето „Мајка и Дете“ и Мрежата на жени во науката. Тој беше поддржан и Општина Тетово, а на маршот беа видени личности и од локалната и од централната власт.

Два дена претходно против насилството врз жените, девојчињата и децата се протестираше во три главни градови, Скопје, Приштина и Тирана.

На протестот против насилството во Скопје некој нападнал дел од организаторите непосредно пред почетокот на протестот.

Пет лица силувале 11-годишно девојче на 27 август во Приштина. Се претпоставува дека инцидентот се случил во градскиот парк. Во моментов на петмина осомничени, од кои тројца се малолетни, за силување на малолетното девојче им е одредена мерка притвор од еден месец. Станува збор за Ш.К., Г.Р., Г.Ј., Џ.С. и Е.Р. Случајот предизвика бројни реакции, како кај челниците на институциите, така и кај јавноста во Косово и во регионот. Силувањето беше осудено и од македонската Платформа за родова еднаквост.

Во РСМ официјално се регистрирани 294 педофили. Од вкупниот број регистрирани педофили за кривични дела сексуална злоупотреба на малолетници и педофилија, во Регистарот на педофили на Северна Македонија, 281 се мажи, а 13 се жени.

Според Министерството за внатрешни работи (МВР), вкупниот број кривични дела против сексуалната слобода и половиот морал за 2019, 2020 и 2021 година изнесува 95. Додека за првите три месеци од годинава е 2.

Последниот случај кој излезе во јавноста во земјава е педофилот од Теарце- тетовско, кој сексуално вознемирувал и й се заканувал на 12-годишно девојче од Косово, а кој потоа е уапсен./мета.мк

Сподели: