Тренчевска од Женева: Нотиран е напредок на државата во областа на права на децата

Сподели

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како предводник на делегацијата од Република Северна Македонија заедно со претставниците од институциите денеска присуствуваа на вториот ден од презентацијата на Извештајот на Република Северна Македонија по Конвенцијата на ООН за правата на детето во Женева. Делегацијата учесвуваше во интерактивен дијалог со цел објаснување на постигнувањата на Република Северна Македонија во областа на правата на детето и одговор на поставените прашања од страна на членовите на Комитетот.

„Определбата на нашата земја е повеќе од очигледна и ќе останеме доследни на истата во иднина. Согласно презентираното преку националниот извештај, листата на одговори по дополнителни прашања и на двете сесии на интерактивниот дијалог, јасно манифестирана е посветеност на државата за унапредување и заштита на основните човекови права на децата како индивидуа. Постигнатиот прогрес е нотиран, но истовремено претставува и поттик за јакнење на нашите напори во насока на гарантирање на најдобриот интерес на детето и почитување на детските права од секој аспект“ рече Тренчевска.

Претставниците од делегацијата ги одговорија прашањата кои се од интерес на нивното ресорно министерство и дадоа детален приказ на работата и заложбите на Република Северна Македонија. Беше потенциран и мултисекторскиот пристап како и вклученоста на граѓанските организации во надминување на предизвиците и унапредување на основните права на децата.

Во фокус на дискусија беа и лицата со попреченост при што министерката истакна дека во една држава и да има само едно дете со попреченост треба да се преземаат политики и мерки како и да се овозможи негово вклучување во сите општествени сфери.