Вести Македонија Ударни вести

Tрошоците во постапките пред нотарите и извршителите се намалуваат

Сподели:

Владата на вчерашната седница ги прифати предлог – законите за изменување и дополнување на законот за извршување и на законот за нотаријат. Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

„Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог – законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната“, се вели во соопштението на Владата.

„Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари. Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ“, појасни Дескоска.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците, 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни. Некои ставки се намалени до 50 отсто, некои дури и повеќе од 50 отсто.

„На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови.Наградите на извршителите се исто така намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висина на главниот долг“, додаде Дескоска.

Сподели: