Вести Македонија Ударни вести

Трпевски: Постои опасност да влеземе во магичен круг од лоши закони

Сподели:

Во Македонија законите многу често се носат без соодветна подготовка на трошоците што ќе ги предизвикаат за граѓаните и компаниите, но и за администрацијата и воопшто без проценка на влијанието на новата регулатива врз секојдневниот живот.

Ваквата состојба трае со години, а ништо не е поразлична и минатата година, период во кој Македонското здружение на млади правници истражуваше како министерствата соодветно ги подготвуваат законите.

По тој повод поразговаравме со Бојан Трпевски, координатор од Македонското здружение на млади правници за проектот „Со квалитетна проценка на влијанието на регулативата до подобро законодавство во РМ” спроведуван од  Институтот за демократија Социетас Цивилис и Центарот за економски анализи, а финансиран од Европската Унија.

Македонското здружение на млади правници анализираше како министерствата во 2017 постапуваа при спроведување на обврските што произлегуваат од актите кои го уредуваат процесот за процена на влијание на регулативата (ПВР). Какви беа главните наоди?

– Анализата ги следеше и оценуваше документите кои министерствата се должни да ги изготват при спроведување на ПВР процесот. Покрај тоа, за потребите на анализата беше спроведен и прашалник за лицата одговорни за ПВР во сите министерства во Македонија, со цел да ги слушнеме проблемите со кои тие се соочуваат при неговата имплементација. Она што произлезе од анализата е дека министерствата се соочуваат со сериозни предизвици при имплементација на ПВР, почнувајќи од процесот на планирање па се до процесот на изготвување на самите извештаи.

Она што можеби би го издвоиле како клучно е тоа што и покрај задолжителноста на спроведување на ПВР, за 6 закони воопшто не бил спроведен процесот; во 75 отсто на ЕНЕР не се објавени Извештајот за ПВР и предлог законот; министерствата во извештаите за ПВР не посветуваат доволно внимание на точно и детално утврдување и опис на проблемот поради кој се јавува потребата од измена на одреден закон, ниту пак целите во најголем број од случаите не се марливи, реални и остварливи; не е посветено доволно внимание во анализирањето на влијанијата (социјални, економски, фискални, административни и сл.) кои одреден закон ќе ги произведе при неговата имплементација; министерствата немаат детален план како ќе го следат спроведувањето на законот, а консултациите не секогаш се спроведуваат целосно и не секогаш се вклучени сите засегнати страни во него.

Кај колку министерства наместо суштинска се прави проформа процена на влијанието и трошоците од новите закони?

– Министерствата генерално суштински не го спроведуваат ПВР процесот, особено во извештаите за ПВР многу малку внимание е посветено на трошоците и влијанијата кои ќе ги произведе одреден закон. Секако дека постојат исклучоци и постојат ПВР процеси и извештаи за ПВР кои се соодветно спроведени, но ваквите добри практики се многу малку.

Какви се последиците од несоодветната подготовка на новите закони?

– Последиците од несоодветно спроведување на ПВР процесот и несоодветната подготовка на законите може да бидат многубројни. Она што би го извдвоиле како најважно е дека поради несоодветно подготвен закон, државата би се соочила со проблеми при неговата имплементација, со што всушност ние како држава се соочуваме во сите овие 27 години независност, незадоволство кај лицата или групите кои директно се засегнати и над кои се применува одреден закон, што пак на крајот резултира со измена на конкретниот закон. Доколку и за оваа измена не е соодветно спроведен ПВР процесот, постои опасност да влеземе во „магичен круг“ во кој за еден закон може да треба да се направат повеќе измени, што пак влијае и на правната сигурност на граѓаните.

Според вас, како би требало министерствата да се поттикнат да вршат правилна проценка на влијанието на регулативата односно каде треба да се бара решението на овој проблем?

– Од анализата би можеле да се издвојат два типа на препораки: краткорочни и долгорочни или системски кои произлегоа од компаративната анализа на добри практики која ја спроведовме, а со која се опфатени земји од регионот, но и едни од најразвиените земји како Обединетото Кралство и Франција. Од она што го детектиравме како моментална ситуација, потребна е доследна примена на обврската за ажурирање на годишниот план за спроведување на ПВР, независно дали промената произлегува од годишната програма за работа на Владата или од друга иницијатива.

Она на што државата треба да размисли во иднина е дали се потребни некои системски промени во ПВР процесот. Би било корисно обврската за ПВР да се издигне на ниво на закон, а не како што е сега на ниво на Деловник на Владата односно на подзаконски акт. Она што исто така сметаме дека би било корисно е да се подготвуваат Стратегија и Акциски план за спроведување на ПВР.

meta.mk

Сподели: