Вести Македонија

ЦИВИЛ ќе го лови говорот на омраза

Сподели:

Граѓанските новинарки и новинари, поддржувачите и членовите на ЦИВИЛ со години се меѓу најревносните „ловци“ на говор на омраза, бидејќи добро знаат колкава штета му нанесува на општеството. Организацијата ги повикува сите добронамерни и слободољубиви граѓанки и граѓани, да се вклучат во акцијата на откривање и документирање на говорот на омразата на социјалните мрежи, медиумите и во секојдневната комуникација. Со фотографија, видео и скриншот на содржини или ситуации во кои се употребува говор на омраза, може да се помогне во намалување на тензиите и подобрување на комуникацијата меѓу луѓето. 

Деновиве, говорот на омраза е во пораст и е дел од валканата политичка кампања со која политичките опоненти се напаѓаат спротивно на законот и етичките норми. На говор на омраза наиде дури и едно добронамерно прашање што ЦИВИЛ го постави на својата Фејсбук страница „Може ли без омраза, вулгарности и навреди да се дискутира на тема: ЗОШТО ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА (НЕ) Е ДОБАР? Ако некое прашање е емотивно, не значи дека мора да се служиме со говор на омраза! Нели?“. За среќа, неспоредливо поголем е бројот на граѓанки и граѓани кои аргументирано дискутираат на социјалните мрежи, а медиумската платформа на ЦИВИЛ ја користат како отворен и слободен простор за тоа.

Прилозите во кои се документира говорот на омразата ќе бидат објавувани на медиумската платформа на ЦИВИЛ, но воедно ќе се алармираат и соодветните институции со барање да се санкционира ваквото однесување. Исто така, организацијата ќе ги алармира институциите и јавноста за експлицитниот говор на омраза на дел од јавните настани (протести) во овој период и ќе побара да бидат преземени соодветни законски мерки против организаторите на овие настани и против лицата кои шират говор на омраза и повикуваат на насилство. Драгоцен е придонесот на граѓанските новинарки и новинари во овој наш заеднички напор да му помогнеме на нашето општество да заздрави.

Прилозите можат да бидат анонимни, но секако ќе бидат земени предвид за награда или за хонорар. Прилозите може да се испраќаат најдоцна до 2 јули на civil.macedonia@gmail.com или во инбокс на Фејсбук страницата на организацијата.

Сподели: