ЦИВИЛ : Нема зошто гласачите да ја вршат работата на институциите!

Сподели

Во текот на првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список во пресрет на Референдумот, до ЦИВИЛ дојдоа десетина пријави за проблеми. Старите проблеми, наспротив уверувањата од политичарите и ДИК, сѐ уште се евидентни. Ова е повик до граѓанките и граѓаните да реагираат и да пријават во ЦИВИЛ.

Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација. Добивме и една пријава за починато лице што сѐ уште фигурира во Избирачкиот список.

Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку „ненајавени гости“ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и да ги пријават неправилностите во ДИК, но и на ЦИВИЛ, со цел да се спроведе јавна контрола на процесот. Тоа може да се направи со порака на електронската адреса на ЦИВИЛ: civil@civil.org.mk, со назнака: Избирачки список. Во пораката наведете име и презиме на реално постоечките лица, адресата, а потоа имињата и презимињата на лицата што не живеат на таа адреса. На располагање е и тел. број: 02 / 520 91 76 од 9 до 17 часот, секој работен ден.

Ги повикуваме институциите да го поедностават процесот на решавање на случаите што ќе ги пријават граѓанките и граѓаните. Нема зошто гласачите сами да ја вршат работата на институциите, а притоа да бидат шетани од една врата до друга и, на крајот, пак да не се реши проблемот!