Црвениот крст Охрид спаси ловечко куче од провалија

Сподели

Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид спасила ловечко куче паднато во провалија од околу 50 метри.

“Во текот на вчерашниот ден, добивме повик од група ловци чие ловечко куче се изгубило претходниот ден. Со помош на околувратникот со вграден ГПС локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во с. Речица, 100тина метри од подножјето и околу 50ина од горниот раб на ископот. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побараа помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излезе на терен. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и самиот сопственик. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот.

Ова е уште една од многуте акции, во кои нема поврдени луѓе, но вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување на емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност.

Затоа постоиме и доброволно го правиме она што најдобро го знаеме, со цел да го намалиме страдањето на луѓето во ситуации кога истото изгледа невозможно.

Задоволството е наше, особено кога сме помогнале во деликатни ситуации и притоа никој не е повреден.”