„Тврдокорните“ му порачаа на Нимиц да си замине од земјава

Сподели

Стотина членови на неколку граѓански здруженија и нивни поддржувачи вчера одржаа протест пред Собранието на кој го повикаа медијаторот во спорот со името, Метју Нимиц, да си замине од земјава, бидејќи, како што порачаа, немало да дозволат наметнато решение и промена на државното име.

„Нимиц да се повлече од срамната, недостоинствена и за нас недозволива позиција на посредник во наметнат и апсурден спор со името. Да престане да биде учесник во геноцидот и во уништувањето на македонскиот народ и држава“, порачаа демонстрантите.

Тие истакнаа дека ќе се борат со сите средства за враќање на „одземениот суверенитет и за ревизија на сите спорни одлуки против државните интереси“.

„Македонскиот народ нема да ги прифати овие решенија и ќе се бори со сите средства за враќање на одземениот суверенитет и за ревизија на сите спорни одлуки против државните интереси. Метју Нимиц да достави извештај до Обединетите нации дека македонскиот народ бара од него неотповиклива оставка на медијаторсата позиција и дека сака Република Македонија да биде примена на ОН под уставното и државото име. Истата порака ја упатуваме и до претставниците на Европската Унија и на НАТО во земјава, кои ги поддржуваат овие непринципиелни политики – истакнаа претставниците на здруженијата.