Османи на конференција за ЕУ и Балканот во Софија

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, по посетата на Берлин, денеска ќе престојува во Софија каде што ќе учествува на меѓународна конференција за зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ, насловена „ЕУ се среќава со Балканот. Лекцијата од Украина: Европското проширување – заштитата од војна“.

Покрај Османи, на конфернцијата најавено е учеството и на шефовите на дипломатиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, како и на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. Ним ќе им се придружат еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчек и специјалниот пратеник на британската влада за Западен Балкан Стјуарт Пич. Видео обраќање до учесниците ќе има генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и вицепремиерката на Украина Олга Стефанишина.

За време на работаната посета на Германија Османи, вчера на средбата со Ана Лирман, државната министерка за Европа во германското МНР, доби потврда дека Берлин останува предводник на европската перспектива на Северна Македонија и на целиот регион. Почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија е високо на агендата на германското МНР и Влада, објави тој на неговиот фејсбук профил по средбата со Лирман.

– Ги нформирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Република Северна Македонија за да постигне стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на Европската Унија, но и НАТО-член во регионот, а секако ја информирав Владата и Парламентот за текот на разговорите со Република Бугарија. Притоа констатирајќи дека е време Република Бугарија да покаже стратешко лидерство со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а секако и ЕУ да презема стратешко лидерство кон регионот заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа, изјави Османи.
 
Во рамки на посетата на Берлин, која ја оцени за многу важна, шефот на дипломатијата имаше средби и со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што исто така, бил реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Северна Македонија.
 
Се очекува Османи денеска во Софија да има средба со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска на која би станало збор за отворенитте прашања меѓу Скопје и Софија и блокадата на интеграцијата на С Македонија во ЕУ.
 
Османи викендот во коментар за последните изјави на бугарскиот премиер Кирил Петков за преместување на ветото и промена на Уставот пред отворањето на првото поглавје, при тоа ЕУ да биде гарант, оцени дека португалскиот предлог како основна рамка останува најдоброто решение за деблокирање на евроинтеграцијата на С Македонија.
 

-Сметам дека португалскиот предлог како основна рамка за идеите кои се разменуваат меѓу двете влади последните недели останува најдоброто решение за деблокирање на европската перспектива на Северна Македонија, па на регионот, вели.

Бугарскиот премиер Петков во саботата во изјава за БТВ повтори дека гаранција за правата на Бугарите во земјава може да се обезбеди преку процесот на европска интеграција, за кој оценува дека за Северна Македонија ќе трае најмалку 10 години.

Посетата на Османи на Софија доаѓа по минатонеделната посета на бугарска делегација предводена од Петков и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на Битола по повод отворањето на клубот „Иван Михајлов“, што предизвика остри реакции од државниот врв и од јавноста во земјава.

Според дел од реакциите, именувањето установи од областа на културата на докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството, а дел го протолкуваа како навреда и провокација кон македонскиот народ, и се побара и редефинирање на стратегијата за почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија./МИА