Универзитетите ги промовираат студиските програми во училиштата на Град Скопје

Сподели

 

Од денеска, па до 17. март, средните училишта на Град Скопје ги отвораат вратите за универзитетите, за презентација и промоција на нивните студиски програми пред средношколците. Преку проектот „Училиштата на Град Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми“, кој градот го реализира трета година по ред, универзитетите ќе им овозможат на идните студенти да се запознаат со можностите за професионален развој. Со можностите за студирање денеска први се запознаа средношколците од гимназијата „Никола Карев“, а во наредните денови вакви презентации ќе се одржат во сите 23 средни училишта на Град Скопје.

 

 

Целта на оваа активност е да им се овозможи на учениците низ разговор и непосредна комуникација со претставниците на факултетите, во својот училишен амбиент и во денот определен за запознавање со факултетите, да добијат одговор за можностите за студирање и врз основа на релевантни информации да донесат одлуки за својот професионален развој. На овој начин, со непосреден контакт и комуникација, на учениците им се помага во изборот на својата професија, се поттикнуваат да ги промислат и превреднуваат своите одлуки и се насочуваат фокусирано да истражуваат за одредена професија.

Во исто време, факултетите ќе имаат можност во однапред утврден простор, ден и термин да се сретнат со идните студенти кои ќе ги следат нивните презентации.

Од особена важност за учениците е од официјалните претставници на универзитетите и факултетите навремено и прецизно да се информираат за потенцијалните можности за вработување и за потребите на пазарот на трудот.  Впрочем, една од причините за оваа иницијатива е и фактот дека голем број матуранти сè уште не донеле одлука во која дејност сакаат да се профилираат и дека посетата на саемите и медиумските промоции што ги организираат универзитетите и факултетите не се доволни да направат разлика меѓу изборот и можностите.