Уште еден упад во седиштето на ЦИВИЛ

Сподели

 

Седиштето на ЦИВИЛ беше мета на упад меѓу 18 и 20 јуни. Провалниците ја искршиле вратата на задниот влез во седиштето на организацијата, го онеспособиле алармот и двете камери и го земале интернет модемот. Очигледно, провалниците најмногу се интересирале за архивата на организацијата. Ги пребарувале документите во фасциклите со архивски материјали и финансиска документација. Направена е и видлива материјална штета.  

Ова е трет поголем инцидент во последните пет години чија мета е ЦИВИЛ. Првиот инцидент се случи непосредно по крвавите настани на 27 април 2017 година, кога од седиштето на организацијата беа украдени шест лаптопи и хард дискови со електронска документација на организацијата. Во тој напад настрада и дел од физичката архива, а беа очигледни систематските прелистувања на белешките во нотесите и папките на тимот на организацијата.  

Вториот инцидент се случи на крајот на јуни, 2020 година, во екот на мониторингот на предвремените парламентарни избори. Тогаш, седиштето на ЦИВИЛ беше вандализирано, превртено беше паното со ознаки на организацијата во дворот, а врз него беше ставена лопата (на линкот е видео од прес конференцијата каде што се објавува толкувањето на таа постапка). Влезната врата на седиштето беше оштетена со остар предмет и беше изгравиран зборот Nazi. Пред влезната врата беа истурени отпадоци.  

Како и претходните два, и овој случај е пријавен во полиција.  

„Не сакаме да прејудицирам, барем додека трае истрагата, но сакам да ја искористам оваа прилика уште еднаш да ја потсетам јавноста и институциите на големите предизвици со кои се соочуваат прогресивните организации и редакции. Што се однесува до документацијата, ние немаме тајни. Сите податоци за нашето работење се јавни, доволно е да се отворат нашите интернет портали, а отворени сме и за секое дополнително прашање. Нема потреба да се провалува, освен ако целта не е да се упати поинаква порака“ – напиша претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.   

„Познато е дека во текот на изминатите десет и повеќе години, тимовите на ЦИВИЛ и редакцијата Цивил Медиа се соочуваат со бројни притисоци, клевети, говор на омразата и смртни закани. Мотивите се познати, нарачателите, исто така. Но треба да знаат – ние не се плашиме. Нам заканите и притисоците ни се мотив повеќе да продолжиме со работа, бескомпромисно и гласно“ – пишува Дерала.  

Извршната канцеларија на ЦИВИЛ и редакцијата Цивил Медиа, без застој, продолжија со својата работа.